КРЕМЉ ОЧЕКУВА ВИТКОФ И КУШНЕР ДА ПРИСТИГНАТ ВО МОСКВА Путин и Трамп телефонски се договориле
Путин и Трамп за време на последниот телефонски разговор не ја разгледувале можноста за организирање средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Соединетите Американски Држави.
Кремљ очекува дека специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, зетот на Трамп, би можеле да допатуваат во Москва на разговори за Украина по потпишувањето на меморандумот меѓу САД и Иран, изјави денеска помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков.
Ушаков наведе дека можноста за доаѓање на двајцата американски функционери уследила по неодамнешниот телефонски разговор меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и Трамп.
– Како што соопштив по разговорот на нашиот претседател со господинот Трамп во неделата, очекуваме дека, по потпишувањето на договорот или меморандумот в петок, ќе се отвори можност двајца добро познати претставници, Виткоф и Кушнер, да допатуваат во Москва на состанок со нашето раководство – рече Ушаков.
Говорејќи за можното влијание на самитот на Групата седум врз ставот на Вашингтон кон украинската криза, Ушаков рече дека не е познато дали средбите за време на собирот ќе ја променат позицијата на американскиот претседател.
– Не знам дали некој ќе успее нешто да промени. Познато е дека претседателот на САД учествува на самитот на Г7 и дека таму ќе има низа контакти. Меѓу другото, познато е дека ќе се сретне со лидерот на киевскиот режим. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите од тие разговори – рече Ушаков.
Тој додаде дека Путин и Трамп за време на последниот телефонски разговор не ја разгледувале можноста за организирање средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Соединетите Американски Држави.