КИМ КАРДАШИЈАН СЕ ОПАРИ Ѕвездата доби едно евро оштета за вооружениот грабеж што ѝ се случи пред 10 години во Париз

Речиси 10 години по вооружениот грабеж во Париз, судот ѝ ја додели на риалити ѕвездата симболичната сума од едно евро што самата ја побарала

1

Ким Кардашијан доби едно евро отштета од францускиот суд за вооружениот грабеж во Париз во 2016 година. Станува збор за симболична сума што таа самата ја побарала наместо финансиски надомест за украдениот накит и претрпената траума.

Одлуката е донесена речиси 10 години по нападот во хотелот „Отел де Пурталес“, каде што Кардашијан престојува за време на Париската модна недела. На 2 октомври 2016 година, двајца од напаѓачите, преправени во полицајци, влегле во нејзиниот апартман, ја врзале со пластични ленти и селотејп и ѝ се заканувале со оружје. Потоа избегале со накит вреден повеќе од 6 милиони долари, меѓу кој и дијамантскиот прстен вреден околу 4 милиони долари, кој ѝ го подарил тогашниот сопруг Канје Вест. Прстенот никогаш не бил пронајден.






Кардашијан минатата година сведочеше на судењето и раскажа дека во текот на нападот била убедена дека ќе умре. По судската одлука за отштетата, таа и нејзината стилистка Симон Харуш, која исто така била присутна за време на грабежот, во заедничка изјава порачаа дека случајот не бил за парите, туку за признавање на одговорноста и за тоа што го преживеале. И Харуш доби симболично едно евро, кое исто така самата го побарала.

За другите оштетени во случајот биле одредени значително поголеми суми. Поранешен рецепционер во хотелот добил 109.516 евра, односно околу 126.000 долари, откако сведочел дека грабежот оставил трауматични последици врз него. Тој првично барал 550.000 евра. Самиот хотел добил 50.000 евра отштета.

Случајот повторно го привлече вниманието затоа што осудените станаа познати во Франција како „лес папи бракер“ („разбојниците дедовци“), бидејќи повеќето биле во шеесеттите и седумдесеттите години кога им се судело. Во 2025 година, осум лица биле прогласени за виновни за учество во грабежот, но никој од нив не се вратил во затвор бидејќи времето поминато во притвор веќе било земено предвид. Никој не поднел жалба на пресудата.

Со симболичната сума од едно евро, Кардашијан практично го затвори граѓанскиот дел од случајот без да бара финансиска компензација за украдениот накит. По одлуката таа и Харуш изразија благодарност до францускиот правосуден систем и порачаа дека сакаат да продолжат понатаму по трауматичното искуство.

Поврзани содржини