„КАТАСТРОФАЛЕН РЕЈТИНГ, А ОСТАВКА ОД ФИЛИПЧЕ НЕМА“ Шилегов алармира за состојбата и бара одговорност
Шилегов предупредува на сериозна криза во СДСМ и вели дека катастрофалниот рејтинг отвора прашања за одговорност во раководството.
Поранешниот градоначалник на Скопје и висок функционер на СДСМ, Петре Шилегов, остро го критикуваше актуелното раководство на партијата и претседателот Венко Филипче, оценувајќи дека резултатите и рејтингот се алармантни.
Во интервју за Фокус, Шилегов изјави дека никој не може да го принуди Филипче да поднесе оставка, но дека бројките сами по себе зборуваат доволно.
– Не можеме ние претседателот Филипче да го принудиме да поднесе оставка. Ама ако ги имате овие резултати, ако ги имате последните анкети, ако го имате рејтингот на претседателот на партијата, кој е катастрофален, но упорно да тврдиш дека ти си вистинското решение, а никој друг не чини, знаете на човек со сила му се зема, ама не му се дава, вклучително и памет – рече Шилегов.
Тој посочи дека незадоволството не доаѓа само од поединци, туку е широко распространето низ партијата – од членството до локалните организации.
– Не е дека некој нешто чека, но ќе видиме како ќе се движат работите. Но, огромна е комуникацијата со мене, со другите луѓе што сме сериозно загрижени за состојбата во партијата, и тоа на сите нивоа. Од обичното членство до актуелни претседатели на општински, кои се номинирани од ова раководство, бидејќи гледаат дека не ја бива работата – истакна тој.
Според Шилегов, една политичка партија треба да обединува, а не да се дели одвнатре, особено кога станува збор за искусни кадри.
– Улогата на една политичка партија во општеството, особено во македонското демократско општество, улогата на поголемите политички партии е да присоберат помали политички групации со цел да создадат квалитетна коалиција. А вие се карате со своите најистакнати членови во изминатите 15-20 години. И сега како воопшто мислат дека можат да функционираат како политичка партија и да добиеш избори? – праша Шилегов.
Тој предупреди дека наместо проширување и јакнење на кадровскиот потенцијал, партијата се затвора во себе и губи квалитетни луѓе.
– Наместо да го шириш спектарот на луѓе, ти си зачаурен во држењето да се опстане по секоја цена. Не знам од кои интереси, нема да навлегувам во тоа, но се караш со луѓето што можат да ти донесат само квалитет – додаде Шилегов.