📽️ КАКО ГО НАЈДОА, ТАКА ГО ОСТАВИЈА СТАДИОНОТ Јапонците му одржаа лекција по чистење на светот

По натпреварот меѓу Јапонија и Холандија, јапонските навивачи останаа на трибините и го собраа отпадот. Снимките од Далас повторно ја покажаа навиката што во Јапонија се учи уште од училишна возраст.

338

Додека последните навивачи се упатуваа кон излезите на стадионот во Далас, десетици Јапонци се движеа меѓу редовите со големи кеси во рацете и собираа шишиња, чаши и обвивки од храна. Снимките брзо се проширија низ социјалните мрежи. Уште еднаш.

Натпреварот заврши без победник, 2:2, но вниманието по последниот судиски свиреж се пресели далеку од теренот. Главната сцена се одвиваше на трибините. Таму каде што навиките зборуваат повеќе од резултатот.






– Тоа е наша култура, но во исто време е знак на почит кон сè. Почит кон играчите, навивачите, но и кон стадионот. Ни е чест што сме тука и не сакаме да оставиме хаос зад себе – рече еден јапонски навивач во видеото што го објави ФИФА.

„Како си го нашол, така да го оставиш“

Сцените одамна не се новост кога станува збор за јапонските навивачи. Истите кадри светот ги гледаше и на претходни светски и континентални турнири. Секојпат предизвикуваат восхит.

Во основата на ова однесување стои едноставна животна филозофија. Местото што го користиш треба да го оставиш во иста, или подобра состојба од онаа во која си го нашол. Без исклучоци.

„Лекцијата почнува во училиште“

Во јапонските училишта децата редовно ги чистат училниците, ходниците и училишните дворови. Тоа не се смета за казна. Се смета за одговорност.

Она што на многумина им изгледа како необичен гест, во Јапонија е дел од секојдневието.

Поврзани содржини