ИЗВЕШАТАИТЕ ЗА МОЖЕН СЛУЧАЈ НА ЧУМА ГИ ЗАГРИЖИ СОСЕДИТЕ НА РУСИЈА Воведуваат гранични мерки на контрола

Сомнежите за случај на чума во руската Иркутска област ги натераа повеќе земји од Централна Азија да ги засилат санитарните контроли на границите со Русија. Русија се уште официјално не потврдува дека станува збор за чума, туку зборува за „пневмонија со неутврдена етиологија“.

2

Соседите на Русија – Киргистан, Таџикистан и Узбекистан ги засилија санитарно-епидемиолошките мерки на граничните премини по информациите за можен случај на чума во руската Иркутска област, додека и Казахстан го засили надзорот на границата.

Киргистан ги засили превентивните и контролните мерки на граничните премини, откако беа објавени информации за можен случај на чума во Русија. Министерството за здравство во Бишкек соопшти дека санитарно-карантинските пунктови работат во состојба на зголемена готовност.






„Специјалистите ги следат луѓето, возилата и товарот што ја преминуваат државната граница за да се спречи увоз и ширење на заразни болести, вклучително и особено опасни инфекции. Ситуацијата е под контрола на санитарната и епидемиолошката служба“, соопшти Министерството.

Дополнителни мерки воведе и Таџикистан. На санитарно-карантинските пунктови се засилени проверките на патниците, вклучително и мерење на телесната температура и проверка за можни симптоми. На санитарните работници им е препорачано да користат лична заштитна опрема.

И Узбекистан ја зголеми подготвеноста на санитарно-епидемиолошките служби. Надлежните ја следат ситуацијата во Русија и информациите за можниот случај, како и евентуалниот ризик од внесување на инфекцијата во земјата.

Казахстан, кој дели долга граница со Русија, исто така спроведува дополнителен санитарен надзор. Тамошното Министерство за здравство, сепак, проценува дека ризикот од внесување на инфекцијата во Казахстан во моментов е низок.

Причина за зголемената внимателност е случајот со 28-годишна работничка во Иркутскиот научноистражувачки институт за борба против чумата, која починала по тешко белодробно заболување. По случајот, околу 200 лица кои биле во контакт со неа се ставени под медицински надзор.

Во дел од медиумите се појавија информации дека постои сомнеж оти жената била заразена со белодробна чума. Сепак, руските здравствени власти засега не го потврдуваат тоа.

Роспотребнадзор соопшти дека официјалната дијагноза е пневмонија со неутврдена етиологија. Според руските власти, досегашните проверки не покажале ширење на особено опасна инфекција, а епидемиолошката состојба во Иркутската област се оценува како стабилна.

Ситуацијата ја следат и САД. Американскиот Стејт департмент потврди дека Вашингтон е
запознаен со извештаите за смртен случај со сомнеж за белодробна чума во Иркутската област и дека ситуацијата внимателно се следи во координација со Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и други американски институции. Од САД истовремено побараа од руските власти брзо и транспарентно да ги објават точните информации, нагласувајќи дека многу детали за случајот сè уште не се потврдени

Чумата е заразна болест предизвикана од бактеријата „yersinia pestis“. Белодробната форма може да се пренесува од човек на човек преку респираторни капки и затоа се смета за особено опасна. Светската здравствена организација, сепак, оценува дека ризикот од меѓународно ширење на чумата вообичаено е низок.

 

Поврзани содржини