БЕЛАТА КУЌА ГИ СЛЕДИ ИЗВЕШТАИТЕ ЗА ЧУМА ВО РУСИЈА Вашингтон прави проценки, Москва вели дека лаборантката починала од пневмонија
Викендов почина 28-годишната лабораториска техничарка Дарија Шипилов во регионот Иркутск, а според медиумот „Народите на Бајкал“ таа можеби се заразила со чума од скршена епрувета на работбото место во Институтот за превенција од чума во Иркутск.
Белата куќа ги следи наводите во медиумите за појава на чума во Русија и отворање карантин, изјави неименуван функционер од администрацијата на претседателот Доналд Трамп за порталот Аксиос.
Локалните здравствени власти во Иркутск презедоа мерки на претпазливост по смртта на жена која работела во истражувачки центар против чума, но не потврдија дека била заразена со чума.
– Администрацијата на Трамп е свесна за ситуацијата, го следи ширењето и ги проценува опциите – изјави функционер од администрацијата.
Викендов почина 28-годишната лабораториска техничарка Дарија Шипилов во регионот Иркутск, а според медиумот „Народите на Бајкал“ таа можеби се заразила со чума од скршена епрувета на работбото место во Институтот за превенција од чума во Иркутск. По нејзината смрт, околу 200 луѓе кои биле во контакт со неа се ставени под медицински надзор, а дел од болниците во Иркутск и Шелехов биле ставени под карантин.
Во една фабрика во Шелехов е воведено и носење маски како превентивна мерка.
Засега, според објавените информации, ниту едно од лицата под надзор нема симптоми на чума, а досегашните тестови се негативни.
Казахстан, кој се граничи со Русија, исто така воведе дополнителен санитарен надзор на границата, но проценката на тамошното Министерство за здравство е дека ризикот од внесување на инфекцијата е низок.
Роспотребнадзор ја оспорува приказната за потврдена чума. Руската федерална санитарна служба соопшти дека официјалната дијагноза на Шипилова била „пневмонија со неутврдена етиологија“ и дека дополнителните анализи не откриле микроорганизми поврзани со нејзината професионална работа. Службата тврди и дека во институтот не е регистриран инцидент со патогени микроорганизми и дека епидемиолошката состојба во регионот е „стабилна“.