ПОЧИНА ПОЗНАТА КАНАДСКА РОК-ПЕЈАЧКА Хитот на Сас Џордан ги одбележа деведесеттите
Во 65-тата година од животот почина рок-пејачката Сас Џордан која ја одбележа музичката сцена во деведесеттите со хитот „Make You a Believer“, а соработуваше и со Џо Кокер. Во 1992 година музичкото списание „Билборд“ ја прогласи за најдобра рок-пејачка.
Светот на музиката се простува од Сас Џордан, познатата рок-пејачка која почина на 64-годишна возраст, опкружена со своето семејство. Публиката најмногу ја памети по хитот „Make You a Believer“ од 1992 година, а во текот на кариерата соработуваше и со Џо Кокер.
Веста за нејзината смрт беше објавена на нејзиниот профил на Инстаграм, заедно со фотографија на која позира со својата мачка.
– На 2 октомври 2026 година, опкружена со своето сакано семејство, Сас Џордан мирно замина на другата страна. Засекогаш ќе остане во нашите срца, како неповторлива природна сила. Незаменливо суштество исполнето со светлина и радост – стои во прошталната порака.
View this post on Instagram
Во објавата беа споделени и стихови од една нејзина песна, кои започнуваат со зборовите: Попрво би го напуштила овој живот, би скокнала со двете нозе во, знаете веќе што, без да се свртам назад.
Џордан зад себе остави богата музичка кариера. Во 1992 година го сними дуетот „Trust in Me“ со Џо Кокер за филмот „Телохранител“, во кој главната улога ја играше Кевин Костнер. До оваа соработка дошло откако Костнер ја слушнал на радио додека се возел со автомобил.
Истата година нејзиниот албум „Racine“ беше продаден во 450.000 примероци ширум светот и стана најуспешното издание во нејзината кариера. Од него произлегоа песните „I Want to Believe“, „You Don’t Have to Remind Me“, „Goin’ Back Again“ и „Make You a Believer“.
Музичкото списание „Билборд“ ја прогласи за најдобра рок-пејачка во 1992 година.
Во 2003 година се приклучи на канадското музичко шоу „Canadian Idol“, каде што беше една од четирите членови на жирито. Успехот на емисијата ја поттикна повторно да се посвети на снимањето музика, па во 2006 година го објави албумот „Get What You Give“.
Сас Џордан е родена во 1962 година во Бирмингем, Англија, а уште како дете се преселила во Монтреал, Канада. Таму почнала да настапува како тинејџерка, а била пејачка и басистка во групата „The Pinups“.
Нејзиниот деби-албум „Tell Somebody“ излезе во 1988 година, а веќе следната година ја освои наградата „Џуно“ во категоријата најперспективна пејачка на годината.
По преселбата во Лос Анџелес во 1990 година, го сними албумот „Racine“, кој беше објавен две години подоцна. Следуваа албумите „Rats“ во 1994 година, „Present“ во 1997 и „Hot Gossip“ во 2000 година.
Во 2020 година го објави својот прв блуз-албум, насловен „Rebel Moon Blues“.