И ФАТИМЕ ФЕТАИ СМЕТА ДЕКА СУДОТ ЗГРЕШИЛ ВО ИЗБОРОТ НА КАЗНАТА НА ВАСИЛ ЈОВАНОВ На дилерот местото му е во затвор, а не во дом
Порталот Фокус открива детали од мислењето на обвинителката Фатиме Фетаи, која го претставува мислењето на Вишото јавно обвинителство во жалбената постапка во Апелација.
Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, кон крајот на ноември лани, се изјаснила против замената на затворската казна за Васил Јованов за продажба на марихуана и кокаин, со мерката упатување во воспитно-поправен дом.
Порталот Фокус открива дека Фетаи била задолжена од страна на Вишото јавно обвинителство да го застапува предметот пред Апелациониот суд Скопје, каде што првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје била обжалена.
Фатиме Фетаи, според Фокус, поднела предлог да се одбие жалбата на Јованов, а да се уважи жалбата на скопското јавно обвинителство, кое побарало построга кривична санкција за осудениот, кој пред неколку дена ја прегази и ја усмрти 22-годишната неготинчанка Фросина Кулакова.
Како што дознава Фокус, обвинителката Фетаи смета дека првостепениот суд, одмерувајќи ја казната, ги ценел олеснителните околности на Јованов (дека бил млад, дотогаш неосудуван, студент), но ги занемарил отежителните околности.
„При изборот на видот на санкцијата, наоѓам дека судот требало да ја цени личноста на обвинетиот, кој, за жал, е со ниска морална свест во смисла на неговата возраст, општествен статус и држење пред судот. Во текот на целата главна расправа обвинетиот покажал манипулативно однесување и негирање на материјалните, така и на вербалните докази, а самиот факт дека истиот не ја признал својата вина пред судот и доброволно да ги прифати последиците од своето однесување, со кое нешто би покажал сериозно каење за стореното, доволно зборува за неговата свесност и истрајност како млада личност да се занимава со продажба на наркотична дрога, во станови специјално изнајмени за таа намена, каде таргет е младата популација, што е доволна слика за неговата ниска морална свест и лукративни побуди на лесен начин да дојде до профит на незаконит начин“, истакнала Фетаи.