ИСТРАГА ПРОТИВ УШТЕ 7 ЛИЦА ЗА ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА ВО СРБИЈА Дрогата ја транспортирале со пломбирани и царинети камиони

Осомничените користеле товарни возила и царински декларации со кои се прикажувало дека се превезува текстилна, прехранбена и друг вид стока. Откако наркотичната дрога ќе била пренесена преку државната граница, организирале нејзино складирање во месноста Коњух кај Крушевац, каде марихуаната се препакувала и дистрибуирала за натамошна продажба, соопшти Јавното обвинителство.

0

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против уште 7 лица за кои има сомненија дека се вмешани во шверцот на марихуана од Македонија во Србија.

„Досегашниот тек на истрагата, што од февруари годинава се води во ОЈО ГОКК за организиран транспорт на наркотична дрога марихуана од Македонија во Србија, укажува на поширок круг лица инволвирани во организираната криминална активност. Обезбедените докази што произлегуваат од преземените истражни дејствија и меѓународната соработка со надлежните органи на Србија, резултираа со донесување нова Наредба за спроведување истражна постапка против уште 7 лица. Седуммината се осомничени дека како припадници на организираната криминална група го сториле истото кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став 3 од Кривичниот законик“, соопшти Јавното обвинителство.






Имено, се вели во соопштението, од засега неутврден период во текот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година, на македонската и српска територија, шестмината против кои се води постапка во Србија, шестмината опфатени со истрагата на ОЈО ГОКК од февруари, седуммината новоосомничени, како и други засега непознати лица, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет наркотична дрога марихуана.

„Секој од нив имал определена улога, при што самите или преку други непознати лица преземале, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана заради нејзина понатамошна неовластена продажба и пуштање во промет на територијата на Србија и на други држави. Како параван за недозволените активности било користено правното лице во Скопје кое поседува одобрение за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински потреби“, соопшто Онбинителството.

Сопствениците на правно лице од Скопје, од кои едниот е и управител, заеднички и по претходен договор организирале и други засега непознати лица од Србија и од Македонија за заеднички да набавуваат наркотична дрога марихуана и во повеќе наврати да ја транспортираат од Македонија во Србија, додава ЈО.

„За таа цел користеле товарни возила и царински декларации со кои се прикажувало дека се превезува текстилна, прехранбена и друг вид стока. Откако наркотичната дрога ќе била пренесена преку државната граница, организирале нејзино складирање во месноста Коњух кај Крушевац, каде марихуаната се препакувала и дистрибуирала за натамошна продажба“, соопшти ЈО.

Според досега обезбедените докази, истиот модус операнди бил применет при најмалку 5 транспорти, за кои биле користени различни патнички и товарни моторни возила, додава Обвинителството.

„Кај товарните возила со претходно царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата и се вадел дел од царинетата стока, а на нејзино место се ставале кутии со наркотична дрога марихуана со тежина приближно еднаква на тежината на извадената стока. Потоа товарното возило се упатувало кон ГП Табановце, при што било следено од некој од осомничените со патничко моторно возило. На овој начин марихуаната била транспортирана прикриена како прехранбени производи, перници и јоргани“, соопшти Обвинителството.

На 21 јули 2026 година, српското Јавно обвинителство за организиран криминал поднесе обвинителен акт против шест членови на организирана криминална група за меѓународен недозволен транспорт на марихуана, додава ЈО.

„Според тамошното обвинение, двајца од сопствениците на правното лице од Скопје давале насоки и инструкции и ги координирале припадниците на криминалната група кои имале задача во месноста Коњух да ја примат и складираат наркотичната дрога марихуана во магацински простор на правно лице, чиј сопственик и управител е исто така обвинет. Дел од дрогата потоа се складирала во помошни објекти во неговиот дом во Коњух, каде било организирано нејзино препакување за натамошна продажба, по што марихуаната наменета за продажба на територијата на Белград му била предавана на друг обвинет член на групата“, соопшти Обвинителството.

Во меѓувреме, се додава во соопштението, во постапката што се води пред ОЈО ГОКК, на 10 август 2026 година Основниот кривичен суд Скопје донесе две пресуди врз основа на предлог-спогодби склучени со двајца осомничени.

„Со спогодбите осомничените признаа дека го сториле кривичното дело што им се става на товар. Притоа им се изречени казни затвор во траење од 3 години и 6 месеци, односно 3 години и 8 месеци“, соопшти Јавното обвинителство.

 

Поврзани содржини