ХОЛАНДСКИОТ ПРЕМИЕР И НЕГОВИОТ СВРШЕНИК ОЧЕКУВААТ БЕБЕ Јавно ѝ се заблагодари на сурогат-мајката

„Доаѓа некој многу посебен. Се гледаме во 2027 година, малечок“ - напиша холандскиот премиер во објавата на Инстаграм.

0

Холандскиот премиер Роб Јетен, кој на 38-годишна возраст стана првиот геј-премиер во историјата на Холандија, сподели радосна вест со јавноста. Тој и неговиот долгогодишен партнер Николас Кинан го очекуваат своето прво дете, кое ќе го добијат со помош на сурогат-мајка и донор на јајце-клетка.

„Нашето семејство наскоро ќе стане побогато за еден малечок член. Едвај чекаме да те запознаеме во 2027 година“, порача Јетен во објавата на Инстаграм, изразувајќи голема благодарност до донорот, сурогат-мајката Лиза и нивните блиски, кои им помогнале да го остварат својот сон за родителство.






Јетен, кој ја презеде премиерската функција во февруари 2026 година, влезе во историјата на Холандија како најмладиот човек што ја предводел владата на земјата. Неговиот партнер Кинан е аргентински репрезентативец во хокеј на трева, а поради врската со премиерот често се споменува како иден „прв господин“ на Холандија.

Нивната приказна започнала пред четири години, во 2022 година, и тоа на сосема обично место — во супермаркет во Хаг. Случајната средба брзо прераснала во љубовна врска, а Јетен подоцна ја опишал како момент во кој веднаш почувствувале меѓусебна привлечност.

Во ноември 2024 година, по две години заедно, тие го направија следниот чекор и ја потврдија свршувачката. Планот бил свадбата да се одржи во летото 2025 година, но политичките обврски на Јетен и преземањето на премиерската функција ги натерале да го поместат датумот.

Сега, додека подготовките за нивната заедничка иднина продолжуваат, двојката има уште една голема причина за радост — во 2027 година ќе го дочекаат новиот член на семејството.

Поврзани содржини