РАМА ПОСТАВИ СТОЛИЦИ ЗА ДИЈАЛОГ ПРЕД ВЛАДАТА, ПРОТЕСТАНТИТЕ ГИ ИСКРШИЈА Бараат оставка и ослободување на притворените студенти

Премиерот на Албанија, Еди Рама претходно порача дека е подготвен да разговара во секое време и без услови, но демонстрантите велат дека поради насилството на полицијата врз учесниците и недовербата во институциите, таквата понуда не е доволна.

12

Премиерот на Албанија денеска постави столчиња со натпис „дијалог“ пред владата и Тирана и  ги покани демонстрантите на разговор, а тие одбија.

Демонстрантите ги фрлаа столиците кон скалите пред владината зграда и порачаа дека нема да прифатат никакви разговори без оставка на премиерот. На ѕидовите залепија фотографии од полициските интервенции на протестите.






На протестот што го почнаа студентите пред една недела, се приклучија и наставници, универзитетски професори и академски работници, кои маршираа во знак на поддршка.

„Без оставка нема да запреме“, скандираа демонстрантите, барајќи ослободување на студентите кои беа приведени во изминатите денови.

 

Инцидентот со столчињата е нов показател за продлабочениот јаз меѓу владата и протестното движење, кое во изминатите денови прерасна во поширок антивладин бунт.

Премиерот Рама претходно порача дека е подготвен да разговара во секое време и без услови, но демонстрантите велат дека поради насилството на полицијата врз учесниците и недовербата во институциите, таквата понуда не е доволна.

Протестите во Албанија во последните денови се интензивираа, а незадоволството на младите се прошири надвор од првичните барања за подобри услови на универзитетите, пониски трошоци за образование и поголема финансиска поддршка за студентите. Демонстрантите бараат оставка од Рама и формирање техничка влада, обвинувајќи ја власта за корупција, игнорирање на граѓанските барања и полициска бруталност. Владата, пак, ги осудува нападите врз институциите и за насилството на улиците.

Премиерот Рама одби да се повлече од функцијата.

 

Поврзани содржини