ГРАДОНАЧАЛНИКОТ РАТКО ДИМИТРОВСКИ БАРАЛ НА „ПУЛС“ ДА НЕ МУ СЕ ИЗДАДЕ ЛИЦЕНЦА ЗА ДИСКОТЕКА Како може барањето за институционална проверка од 2012 година да стане доказ против оној што ја побарал!?

Документите што Обвинителството ги вади против Ратко Димитровски го покажуваат, всушност, спротивното, дека тој нема никаква вина за „Пулс“ - не издал лиценца, не дал согласност за работа на дискотека и не ја водел постапката за утврдување на условите. Не може вина на Општина Кочани да биде тоа што се обратила до надлежните институции и што побарала проверка пред лиценцата воопшто да биде издадена.

1

Материјалните докази од 2012 година, презентирани во судската постапка за случајот „Пулс“, отвораат важно правно и фактичко прашање: како треба да се толкува постапувањето на функционер кој, иако немал надлежност да одлучува за издавање лиценца, се обратил до надлежната институција и побарал проверка на условите за работа на објектот и зазел став за неиздавање лиценца?

Во фокусот на ова прашање е постапувањето на тогашниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, како и хронологијата на документите што претходеле на издавањето на лиценцата од страна на Министерството за економија.






За што, всушност, била надлежна Општина Кочани?

Одговорот не може да се бара во претпоставки или во ретроспективно поврзување на настаните. Тој мора да произлезе од датумите, од содржината на документите и од законски утврдените надлежности на институциите.

На 2 октомври 2012 година, Дејан Јованов поднел барање до Општина Кочани за издавање документ во врска со користење паркинг-простор. Веќе следниот ден, на 3 октомври 2012 година, Општината доставила известување во рамки на таквото барање.

Содржината и правната природа на овој документ се особено важни. Известувањето не било лиценца, не претставувало одобрение за работа на дискотека и со него не се утврдувало исполнување на минимално-технички, санитарни, безбедносни или други услови за вршење угостителска дејност.

Токму тука е неопходно јасно разграничување на институционалните надлежности. Општината можела да постапува по барање поврзано со паркинг-просторот, но немала законска надлежност да издава лиценца за кабаре, дискотека или ноќен клуб. Таа не била институцијата што одлучувала дали конкретен угостителски објект ги исполнува условите за вршење таква дејност.

Клучен документ – барањето од 19 октомври 2012 година

Клучниот документ во хронологијата е барањето за информација од 19 октомври 2012 година, потпишано од тогашниот градоначалник Ратко Димитровски и упатено до Министерството за економија, односно до државниот секретар на тоа министерство. Со овој допис, Димитровски побарал конкретна информација дали компанијата „Класик ТП“ обезбедила документи за исполнување на условите за работа на дискотека во индустрискиот дел на Кочани.

Во барањето било наведено дека Општината нема официјална информација дали се обезбедени потребните документи, вклучително и документација за хигиенско-техничките и противпожарните услови, санитарните услови, како и технички приказ на сообраќајното решение за пристапот и паркирањето кај објектот. Од Министерството било побарано да ја информира Општината дали лиценцата е издадена или се планира нејзино издавање.

Интересно е што јавниот обвинител токму барањето за информации од 19 октомври 2012 година го читаше како доказ против обвинетите од Министерството за економија. Околу овој документ следуваше речиси едночасовна расправа, реакции од дел од бранителите, како и барање за изземање на јавниот обвинител.

Но, независно од различните процесни толкувања во судницата, содржината на документот јасно покажува дека Димитровски се обратил до органот надлежен за лиценцирањето и побарал проверка и информација. Од аспект на неговата одбрана, овој доказ не покажува пасивност или обид за заобиколување на институциите, туку токму спротивното – дека го алармирал надлежниот орган, иако за такво обраќање немал посебно пропишана законска обврска.

Прашањата кои денес се појавуваат како спорни, техничките услови, пристапот до објектот, паркирањето и исполнувањето на другите услови, биле отворени пред Министерството уште пред да биде издадена лиценцата.

Поништување на известувањето и барање да не се издаде лиценца

Хронологијата продолжува на 5 ноември 2012 година. По повторен увид во документацијата поврзана со барањето за паркинг-простор, Општина Кочани го известила барателот дека јавниот паркинг не може да се третира како паркинг обезбеден само за една локација, особено не за објект со намена диско или ноќен клуб.

На 6 ноември 2012 година бил подготвен нов допис, со предмет „Барање за неиздавање лиценца за дискотека“, адресиран до Државниот пазарен инспекторат. Во него Општината навела дека претходно издаденото известување се однесувало единствено на барањето за паркинг-простор, а не претставувало одобрение за работа на дискотека. Дополнително било посочено дека во првичното барање воопшто не била наведена дејноста што ќе се врши во објектот.

Општината информирала дека претходното известување е поништено, дека паркинг-местата се оддалечени околу 250 метри од објектот и дека тој јавен паркинг не може да биде основа за издавање одобрение или лиценца за дискотека или ноќен клуб.

Дописот завршува со изречно барање до надлежниот орган да не издава таква лиценца!

Овие документи се значајни, бидејќи покажуваат дека локалната самоуправа не го третирала известувањето за паркингот како согласност за угостителска дејност. Напротив, откако била утврдена можноста документот да се користи во постапка за лиценцирање, Општината презела дејствија за негово поништување и за известување на надлежните државни институции.

Првата постапка завршила со одбивање

Иако Ратко Димитровски не добил формален одговор на барањето од 19 октомври, од презентираната хронологија произлегува дека првата постапка не завршила со издавање лиценца, туку со одбивање на барањето. Ова е суштински факт за разбирање на целиот случај. Првичните документи и реакциите од Општината не резултирале со отворање на патот за работа на објектот. Напротив, првата постапка завршила со негативен исход за барателот, за што Општината, според досега презентираните информации, не била формално известена.

Дури потоа, на 30 ноември 2012 година, правното лице поднело ново барање до Министерството за економија, овојпат за издавање лиценца за вршење угостителска дејност од категоријата кабаре.

Во оваа нова постапка, надлежните државни органи доставиле позитивни мислења и согласности, по што Министерството за економија на 13 декември 2012 година издало лиценца.

Општина Кочани не ја издала лиценцата. Таа не ги утврдувала минимално-техничките услови, не одлучувала за исполнувањето на условите за кабаре и не била органот кој можел да ја одобри или да ја запре постапката пред Министерството.

Што навистина покажува хронологијата?

Одбраната на Ратко Димитровски се темели на едноставна и документарно потврдена хронологија.

Имено, кога дознал дека можеби се води постапка за издавање лиценца за дискотека, тој се обратил до надлежното Министерство. Побарал информација за исполнувањето на условите и за тоа дали лиценцата е или ќе биде издадена. Кога било утврдено дека известувањето за јавен паркинг би можело да биде употребено во постапката за лиценцирање, Општината го поништила и се обратила до Државниот пазарен инспекторат со изречно барање лиценцата да не биде издадена.

Првата постапка завршила со одбивање. Лиценцата била издадена дури по ново барање од 30 ноември и по позитивни мислења од надлежните државни органи.

Поради тоа, документите од 2012 година тешко можат едноставно да се толкуваат како доказ дека тогашниот градоначалник го овозможил отворањето на објектот. Тоа, едноставно, не е точно. Напротив, содржината на документите јасно покажува дека Димитровски реагирал пред издавањето на лиценцата и дека ги известил институциите кои имале законска надлежност да постапуваат.

Доказите се јасни: Ратко Димитровски не дал согласност за отворање на дискотеката „Пулс“

Во предмет со ваква тежина, потребата од утврдување одговорност е неспорна. Но, одговорноста не може да се утврдува со механичко изедначување на сите институции и сите лица кои во различни периоди имале допир со документацијата. Судот ќе треба да ги оцени конкретните надлежности, дејствија и пропусти на секој обвинет одделно, како и нивната евентуална причинско-последична поврзаност со трагичниот исход.

Во тој контекст, да повториме по трет пат – документите покажуваат дека Ратко Димитровски не издал лиценца, не дал согласност за работа на дискотека и не ја водел постапката за утврдување на условите. Она што го направил било да се обрати до надлежните институции и да побара проверка пред лиценцата воопшто да биде издадена.

Затоа, едно од клучните прашања што произлегува од досега презентираните докази е дали документот со кој функционер бара институционална проверка може денес да се толкува како доказ против него — или, напротив, како доказ дека навреме реагирал и го алармирал органот кој единствено бил надлежен да одлучува.

Поврзани содржини