СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ИГРИТЕ НА СРЕЌА Казината без агресивни светлечки реклами и подалеку од училиштата
Со законот се уредува дека правото на приредување на лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, како и електронските и интернет игрите на среќа, е право на Република Македонија, која ќе ги приредува преку трговско друштво во државна сопственост, соопшто Министерството за финансии.
Собранието денеска го усвои Законот за игрите на среќа со 60 гласа „за“ и 20 „против“.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски информираше за содржината на законот и додаде дека подесените амандмани биле внимателно разгледани од страна на Министерството за финансии.
– Прво, дислокација на овие објекти за игри на среќа и забавни игри од основните и од средните училишта. Она што сметаме во моментов дека е применливо и коешто ќе даде резултати за нивна дислокација од училиштата е оддалеченоста од 500 метри. Понатаму, значително се ограничува рекламирањето. Светлечките реклами нема да ги има. Ќе бидат тргнати и младите нема да бидат изложени на тој, би рекол, агресивен маркетинг којшто постојано и се случува пред очи – рече заменик министерот за финансии Јанкуловски.
Додаде дека единствено ќе биде дозволено да се постави реклама во димензии 100 сантиметри на 30 сантиметри, којашто ќе биде истакната на самиот објект и на која ќе биде истакнат само називот на тоа трговско друштво без никаква парола или некое мото за финансиски успех или некој пат до личен успех ако се влезе во тој објект.
- Се воведува задолжителното ГПС поврзување, односно информации коишто ќе ги добива Управата за јавни приходи од самите ВЛТ машини, апарати и така натаму и ќе има информација за тоа што се случува подетално во оваа индустрија. Исто така, со дигитализацијата ќе се знае многу полесно кои се лиценцирани, а кои не се лиценцирани објекти – рече Јанкуловски.
Се врши усогласување и со Комитетот при Советот на Европа за спречување на тероризам и перење пари MONEYVAL, додаде тој.
Јанкуловски рече дека доколку во имплементацијата на законот се покажат аномалии, ќе се пристапи кон негови измени.
Министерството за финасии Ссоопшти дека со новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри се воспоставува современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.
„Новото законско решение има цел да обезбеди поголема заштита на граѓаните, особено на младите, да ја намали сивата економија, да ја зајакне контролата и надзорот врз приредувањето на игрите на среќа, да придонесе во борбата против перењето пари и финансиските злоупотреби и да создаде фер и транспарентни услови за работа на сите приредувачи“, се вели во соопштението.
Постојниот закон, се додава, повеќе од една деценија ја регулираше оваа област, но во меѓувреме пазарот на игри на среќа значително се промени, се појавија нови форми на приредување, се прошири мрежата на деловни простории и оттука се наметна потребата од закон којшто ќе одговори на современите предизвици и ќе овозможи поефикасен надзор и контрола.
„Една од новините е регулирањето на подарувањата (giveaway), за кои се воведува обврска за издавање дозвола и плаќање соодветна давачка за нивно приредување. Дополнително, со законот се уредува дека правото на приредување на лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, како и електронските и интернет игрите на среќа, е право на Република Македонија, која ќе ги приредува преку трговско друштво во државна сопственост“, соопшто Министерството за финансии.
Законот воведува и критериуми за соодветност и интегритет („fit and proper“) за членовите на органите на управување, содружниците и соработниците на друштвата кои поседуваат лиценци за приредување игри на среќа, додава Министерството и потенцира дека овие решенија се во согласност со препораките на MONEYVAL и меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и претставуваат значаен чекор кон зајакнување на довербата во системот.
„Посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа. За првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. Истовремено, се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех, решение за лични или социјални проблеми или кое директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив. Дополнително, се забранува користење називи што не одговараат на видот на играта за која е издадена лиценцата, со што се обезбедува поголема транспарентност и заштита на јавниот интерес“, потенцира Министерството.
И со новиот закон, се додава во соопштението, се продолжува со финансиската поддршка на ранливите категории, односно, средства во износ од 60 до 120 милиони денари кои се остварени по сите основи од приредувањето на игри на среќа и забавни игри ќе продолжат да се користат за финансирање на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија на граѓани за борба против семејното насилство и за Црвениот крст на Република Македонија.
„Во насока на поефикасна контрола, законот воведува задолжително поставување ГПС-систем за позиционирање на секој автомат за игри на среќа, ВЛТ и терминал за електронски игри, поврзан со Управата за јавни приходи. Со ова ќе се обезбедат точни информации за локацијата на секој автомат и ќе се спречи нивно поставување кај нелиценцирани приредувачи, што значително ќе ја подобри ефикасноста на инспекцискиот надзор. Во делот на отворањето деловни простории се воведуваат нови правила со кои се ограничува можноста едно друштво со ист износ на основна главнина да добие повеќе лиценци. За секоја дополнителна лиценца ќе биде потребен соодветен кумулативен износ на основна главнина, со што се обезбедува поголема финансиска одговорност и пофер пазарни услови“, соопшти Министерството.
Во делот на инспекцискиот надзор и прекршоците се прошируваат основите за одземање лиценци и дозволи, а се зголемува и висината на глобите за сторените прекршоци, со што се овозможува поефикасно санкционирање на незаконското работење, се додава во соопштението.
„Со усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри се воспоставува современ систем кој обезбедува повисоко ниво на правна сигурност, поголема транспарентност, поефикасен надзор и подобра заштита на јавниот интерес. Очекуваните ефекти се намалување на нелегалното приредување игри на среќа, поефикасно спречување на финансиските злоупотреби, подобра заштита на малолетниците и усогласување на националното законодавство со европските и меѓународните стандарди“, соопшти Министерството за финансии.