„САКАМ ДА РАБОТАМ“ ЈА ПОВИКА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДА НЕ ГО ПОТПИШЕ ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА Предупредуваат на социјална бомба и масовни протести

За задоволување на политички поени во наредните 2 години 10 илјади работни места постепено ќе бидат жртвувани, што ќе предизвика 35.000 нови иселеници од Македонија“, предупредува Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.

0

Изгласувањето на Законот за игри на среќа и покрај нашите предупредувања и забелешки е јасна и сурова порака за нас вработените – веројатно не сме подобни за вниманието кое го бараме од надлежните институции, реагира Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.

Разочарани сме што пратениците на најголемите македонски партии не ги прифатија нашите апели, порачаа тие.






„Мнозинството пратеници озаконија политичко-етнички инженеринг. За задоволување на политички поени во наредните 2 години 10 илјади работни места постепено ќе бидат жртвувани, што ќе предизвика 35.000 нови иселеници од Македонија“, предупредува Здружението.

Македонија од денес, во секторот на игри на среќа ја очекуваат многу сериозни предизвици, се вели во нивното соопштение.

„Наместо да го избегне албанското сценарио, политичките елити одлучија да го пресликаат. Постепеното затворање на легалните објекти за игри на среќа ќе предизвика хаос. Ќе никнуваат играчници на диво по подруми, на државата ќе ѝ се лизга од раце досегашната контрола, младите ќе станат лесна мета на профитери од црниот пазар. Дежурните критичари на игрите на среќа, кои со години водат негативна кампања за овој економски сектор, никогаш нема да преземат одговорност за последиците кои неминовно следат“, се вели во соопштението.

Сметаме, се додава, дека е наша должност да се бориме до последен здив.

„Ние не сме печалбари во сопствената земја. Нема мирно да седиме кога некој намерно нè брка во странство. За секое изгубено работно место ќе ги користиме сите демократски и правни механизми за борба. Тогаш кога надлежните ќе почнат да се соочуваат со негативните последици од овој закон, тогаш ќе следат масовни протести, на кои сме сигурни дека нема да бидат само вработените“, порачаа од Здружението.

Вработените од секторот игри на среќа апелираат претседателката Гордана Сиљановска Давкова да не го потпишува законот.

„Како последно надлежна во законодавната постапка, јавно ја повикуваме претседателката Сиљановска Давкова да не го потпишува указот за стапување во сила на Законот за игри на среќа и забавни игри, за да спречи социјална бомба“, повика Здружението „Сакам да работам“.

Поврзани содржини