СЕ ВРШИ ТЕМЕЛНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КАБИНИТЕ Жичарата ќе проработи до крајот на годината

Очекуваме за многу кратко време, веќе следниот месец, по завршувањето на работите и неопходните безбедносни проверки, жичарата повторно да ги пречека скопјани и гостите на нашиот град, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

0

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска направи увид во работните активности за обнова на жичарата на Водно.

„Жичарата е едно од омилените скопски доживувања. Таа нè носи поблиску до природата и до глетката што секогаш нè потсетува колку е убав нашиот град. Но, при увид, беа констатирани сериозни недостатоци, последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување од страна на претходните раководства. Беше потребен обемен и темелен зафат, занемаруван речиси една деценија. Затоа жичарата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сè. Тука нема компромис. Сега сме посветени на нејзината целосна реконструкција. За безбедно возење, сигурна работа и спокојство за секој посетител“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.






Тој додаде дека се во тек зафатите за обнова на жичарата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање надвор од државава.

 

„Очекуваме за многу кратко време, веќе следниот месец, по завршувањето на работите и неопходните безбедносни проверки, жичарата повторно да ги пречека скопјани и гостите на нашиот град. Го обновуваме она што со години било запоставувано. Со одговорност, со работа и со дела. Го враќаме сјајот на Скопје“, објави Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини