ФРАНЦИЈА ЌЕ ИСПРАТИ ВОЈСКА И РАДАРИ ВО САУДИСКА АРАБИЈА Ќе го чуваат клучниот саудиски нафтовод од ракетите на Хутите

Нема да учествуваме во каков било конфликт, туку ќе го заштитиме нафтоводот, најави францускиот претседател Емануел Макрон.

16

Франција ќе испрати војници, радари и одбранбени системи во Саудиска Арабија за да го заштити Јанбу – клучниот саудиски нафтен центар на брегот на Црвеното Море, најави францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој нагласи дека француското присуство ќе има исклучиво одбранбена цел и дека Париз нема намера да се вклучи во поширокиот конфликт на Блискиот Исток.






– Не за да учествуваме во каков било конфликт, туку за да го заштитиме овој објект – рече Макрон во телевизиско интервју.

Јанбу се наоѓа на западниот брег на Саудиска Арабија, на Црвеното Море, и претставува една од главните извозни точки за саудиската нафта. Во градот има големи рафинерии, складишта и нафтени терминали, а таму завршува и нафтоводот Исток–Запад, познат како „Petroline“. Долг е околу 1.200 километри и ги поврзува нафтените полиња во источниот дел на кралството со Јанбу, овозможувајќи Саудиска Арабија да извезува нафта преку Црвеното Море без да се потпира целосно на транспортот низ стратешкиот теснец Ормус.

Стратешкото значење на Јанбу дополнително порасна откако војната во Иран и безбедносната криза во регионот го нарушија транспортот низ Ормускиот Теснец. Последните недели објектите во Јанбу и нафтоводот Исток–Запад беа погодени од напади со ракети и со дронови, а Саудиска Арабија извести и за пресретнати балистички ракети насочени кон Јанбу и други цели.

Токму поради ризикот од нови ракетни и дронски напади, Макрон најави распоредување француски воени капацитети за заштита на енергетската инфраструктура.

Францускиот претседател засега не соопшти колку војници ќе бидат испратени, ниту кои конкретни системи за воздушна одбрана ќе бидат распоредени.

СВЕТСКА КРИЗА НА ПОВИДОК ОТКАКО САУДИСКА АРАБИЈА ГО ЗАТВОРИ КЛУЧНИОТ НАФТОВОД ПОРАДИ НАПАД Ријад сардисан од сите страни

Поврзани содржини