ФИНСКА ПОВИКУВА НА ЕВРОПСКИ ПРЕГОВОРИ СО РУСИЈА Финскиот претседател предлага отворање преговори во три чекори

Повикот доаѓа во момент кога мировните преговори меѓу Киев и Москва, со посредство на САД, се во застој, бидејќи Вашингтон го пренасочи својот политички и безбедносен фокус кон кризата со Иран.

0

Европа треба да преземе иницијатива и да отвори директни разговори со Москва за завршување на војната во Украина, изјави финскиот претседател Александар Стуб. Во интервју за швајцарскиот весник Ное зурхер цајтунг (Neue Zürcher Zeitung), Стуб нагласи дека е неопходна поактивна европска улога во дипломатските напори и дека разговорите со Кремљ не треба да бидат исклучени.

– Верувам дека треба да разговараме со Путин – изјави Стуб.






Тој предложи модел во три чекори: прво, иницијативата да дојде од Европска Унија, потоа, доколку тоа не даде резултат, процесот да го преземат Франција, Германија и Обединетото Кралство, а доколку и тоа не успее, да се разгледаат други дипломатски формати.

Повикот доаѓа во момент кога мировните преговори меѓу Киев и Москва, со посредство на САД, се во застој, бидејќи Вашингтон го пренасочи својот политички и безбедносен фокус кон кризата со Иран. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и понатаму инсистира на директен состанок со рускиот претседател Владимир Путин, додека Кремљ засега одбива таква средба и тврди дека нема основа за директни преговори.

Стуб исто така нагласи дека Европа треба да ги усогласи ставовите со САД, но и критички да ги процени американските политики во однос на војната во Украина.

Во меѓувреме, Кремљ претходно предложи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер како можен посредник, идеја која беше одбиена и од Киев и од европските партнери. Иако дипломатските напори продолжуваат, ставовите меѓу страните остануваат длабоко поделени, Украина бара замрзнување на фронтовската линија како основа за прекин на огнот, додека Русија инсистира на повлекување на украинските сили од Донбас како услов за каков било договор.

Поврзани содржини