ФИЛИПЧЕ И ЗАЕВ СО ЗЛАТНИ ВИЗИ ЗА ДУБАИ ШТО ЧИНАТ МИЛИОНИ ЕВРА? Украдените пари се вложуваат во приватни бизниси, обвинува ВМРО-ДПМНЕ
Дали Венко Филипче, како актуелен претседател на СДСМ, е поврзан со дубајскиот бизнис на поранешниот премиер Зоран Заев и дали неговото поставување на партискиот врв било со цел да го чува грбот на својот ментор, прашува владејачката ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение ја повика опозициската СДСМ, како и поранешниот премиер, Зоран Заев, и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, да одговорат на, како што наведуваат од партијата, сериозни прашања поврзани со евентуални бизниси и златни визи во Обединетите Арапски Емирати.
„Веќе подолг временски период, Филипче, Заев и СДСМ молчат и не одговараат на нашите прашања поврзани со Дубаи. Дали молкот е потврда, го прашуваме јавно СДСМ? Дали Заев гради згради во Дубаи кои се над 50 ката? Од каде му се тие пари на Заев?“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат и дали Филипче, како актуелен претседател на СДСМ, е поврзан со, како што го нарекуваат, „дубајскиот бизнис на Заев“, и дали неговото поставување на партискиот врв било со цел да го „чува грбот на неговиот ментор“.
„Дали Филипче и Заев имаат златни визи за Дубаи? На кој начин ги стекнале и од каде им се парите? Дали Филипче и Заев ќе ги демантираат нашите сомнежи?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека од СДСМ, Заев и од Филипче досега не добиле никаква реакција, ниту демант.
Токму тие, кои со години ја воделе државата, сега ги вложуваат парите во приватни бизниси во странство, се наведува во соопштението владејачката партија.
„Откако години наназад ја уништуваа и ограбуваа државата, сега тие пари ги вложуваат во приватни бизниси. Додека глумеа дека ја спасуваа Македонија, тие се спасувале самите себеси и нивните милиони.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија порача дека „СДСМ, Заев и Филипче се синоним за криминал, неспособност и за предавства“.