ЕУ ЌЕ ГИ ОТВОРИ СИТЕ ПОГЛАВЈА ОД ПРЕГОВОРИТЕ СО УКРАИНА И СО МОЛДАВИЈА Унијата ќе ѝ даде поддршка и на Ерменија
Во последните месеци постигнавме повеќе во процесот на проширување на ЕУ отколку во изминатите 15 години, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, во врска со денешното отворање на суштинските пристапни преговори со Киев и со Кишињев.
Европската Унија е подготвена од јули да почне преговори за сите области од пристапниот процес со Украина и со Молдавија, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос, пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Во врска со денешното отворање на суштинските пристапни преговори со Киев и со Кишињев, Кос оцени дека тоа е првиот голем чекор откако двете земји добија кандидатски статус пред 3 години.
– Беше време да го направиме тоа – рече таа.
Според Кос, до крајот на годинава може да завршат пристапните преговори со Црна Гора.
– Во последните месеци постигнавме повеќе во процесот на проширување на ЕУ отколку во изминатите 15 години – нагласи еврокомесарката.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас соопшти дека на денешниот состанок е поканет и министерот за надворешни работи на Ерменија.
Според неа, Ерменија е изложена на сè поголем притисок од Москва, а ЕУ разгледува начини за поддршка на властите во Ереван.
Калас оцени дека синоќешните руски воздушни напади врз Украина, при кои беше погоден верски објект што се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, претставуваат воено злосторство.
Таа потврди дека Унијата работи на дополнително проширување на санкциите против Русија.
Калас додаде и дека, според правните експерти на ЕУ, постои начин да се спроведе иницијативата за забрана за влез во Унијата на руските војници кои учествувале во војната против Украина.