ЕКОНОМИЈАТА И ПОКРАЈ КРИЗАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА РАСТЕ Димитриеска-Кочоска очекува растот да го поттикнат инвестициите во инфраструктурата и енергетиката

Министерката за финансии оцени дека и покрај предизвиците поврзани со глобалните случувања и новите енергетски притисоци, македонската економијата се очекува да продолжи со стабилен раст, со умерено забавување на краток рок и постепено забрзување на среден рок, при што внимателно се следат ризиците од влошување на геополитичката состојба.

14

Одржливите јавни финансии и макроекономската стабилност се клучни во услови на зголемена глобална неизвесност, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќање на Економскиот и финансиски дијалог, кој што се одржа денеска во Брисел.

– Ограничениот фискален простор е најитното прашање пред министрите за финансии по неколку последователни кризи и силната фискална поддршка обезбедена за време на пандемијата -рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, и покрај предизвиците поврзани со глобалните случувања и новите енергетски притисоци, македонската економијата се очекува да продолжи со стабилен раст, со умерено забавување на краток рок и постепено забрзување на среден рок, при што внимателно се следат ризиците од влошување на геополитичката состојба.

Таа рече дека економскиот раст на Македонија во наредниот период ќе биде главно поттикнат од инвестиции во транспортната инфраструктура, здравството, образованието и земјоделството.

– Имајќи ја предвид брзата промена на геополитичката клима, енергетскиот сектор добива приоритет, бидејќи достапноста и пристапноста на електричната енергија стануваат клучни за растот, инвестициите и политичката агенда. Ова бара значителни напори за балансирање помеѓу финансиските потреби за инвестиции и ограничениот фискален простор –  кажа Димитриеска-Кочоска.

Таа потенцираше дека фокусот е ставен на спроведување реформи за подобрување на управувањето со јавните финансии преку постепена фискална консолидација, унапредување на управувањето со јавните инвестиции, дигитализација и воведување е-фактура, намалување на неформалната економија и подготовка на извештај за даночни расходи и ревизии на трошењето.

Димитриеска-Кочоска посочи дека европскиот процес останува клучен двигател на реформите, коишто се насочени кон структурна трансформација на економијата, енергетска и дигитална транзиција и подобрување на деловното опкружување.

Во заедничките заклучоци од состанокот беше нагласена потребата од продолжување на фискалната консолидација преку конкретни мерки со цел намалување на буџетскиот дефицит и создавање дополнителен фискален простор.

Економскиот и финансиски дијалог претставува годишен дијалог за економска политика. Учествуваат претставници на земјите членки на ЕУ, на Европската комисија и Европската централна банка,  како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Молдавија и Украина.

Поврзани содржини