БУЈАР ОСМАНИ СЕДЕШЕ ВО ФОТЕЛЈА 3.670 ДЕНА И ИМА АПЕТИТ ЗА УШТЕ Вечните фотелјаши ја уништуваат ДУИ

Без вистински внатрешни, програмски и кадровски реформи, ДУИ е многу поблиску до распад отколку до каква било шанса повторно да стане власт, порача коалицијата Вреди.

57

Бујар Османи во Брисел наводно ги штител правата на Албанците во Македонија, кои, според него, биле загрозени затоа што тој повеќе не е министер – пародија, реагира коалицијата Вреди на ставовите на Османи.

„Со кој легитимитет Бујар Османи може да ги застапува Албанците, кога пред само неколку месеци изгуби дома, во Чаир, од своите? Од 22 години власт на ДУИ со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, Бујар Османи помина 3.670 дена во министерства, во власт и во дипломатски салони. Толку е навлечен на фотелја што е подготвен не само ДУИ да ја држи како заложник на своите апетити, туку и целиот албански народ да го претвори во жртва на неговата желба за власт. Усул да се немало“, реагира Вреди.

Друг пример за вечен фотељаш е „европеецот“ Блерим Беџети, со над 15 години, односно 5.500 дена по функции, се додава во соопштението.

„Три мандати беше градоначалник на Сарај, беше министер за правда, беше и главен соработник на Данела Арсовска, преку која раководеше со неколку јавни претпријатија во Град Скопје. Сега е пратеник кој рони солзи за ЕУ-интеграциите и наводно ги штити правата на Албанците. Со други зборови, коленичи пред ВМРО-ДПМНЕ, за да стане дел од нивната влада. Не може ни неколку месеци да издржи без власт. И тој, како Бујар, е венчан за кожна фотелја. За друго не знаат“, се вели во соопштението на Вреди.

Вреди, се додава, им порачува на чесните членови на ДУИ да се освестат.

„Али Ахмети од 2001 година нема никаква врска со денешниот Али Ахмети. Сè е сведено на гол клиентелизам. Само тендери и пари им се во главите. Наративот дека политичките и демократските права на Албанците се заштитени само ако Бујар и Блерим се министри е дрско потценување на интелигенцијата на нашиот народ“, потенцира Вреди.

Оваа демагогија на Али Ахмети и ДУИ веќе не поминува ниту во Македонија, ниту на Косово, ниту во Албанија, додава коалицијата.

„Живееме во 2026 година, а тие се заглавени во 2008 година. Сонуваат Никола Груевски да го вратат од Будимпешта и повторно да владеат. Не разбираат дека тој филм повеќе нема да го гледаат. Без вистински внатрешни, програмски и кадровски реформи, ДУИ е многу поблиску до распад отколку до каква било шанса повторно да стане власт“, порача Вреди.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар османи, како што соопшти партијата, два дена е во работна посета на Брисел, каде на средби со претставници на европските институции предупредувал дека има подготвен и организиран план за поништување на Охридскиот договор, а зборувал и за „храбри одлуки“ во врска со итната потреба за надминување на блокадата во процесот на европска интеграција.

Поврзани содржини