ТРАМП ГО НАПАДНА СЕНАТОТ ПОРАДИ РЕЗОЛУЦИЈАТА ПРОТИВ ВОЈНАТА ВО ИРАН Се закани дека ќе ја заврши работата на еден или на друг начин
Претседателот на САД, Доналд Трамп ги обвини сенаторите дека со гласањето директно го помагаат непријателот и ја отежнуваат работата на администрацијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп го нападна Сенатот поради тоа што изгласа резолуција против продолжувањето на војната против Иран.
Тој ги обвини сенаторите дека со гласањето директно го помагаат непријателот и ја отежнуваат работата на администрацијата.
„Значи, го имам Иран на колена, подготвен да капитулира, подготвен практично на сè да се согласи и за првпат по неколку децении да покажува огромна почит кон Соединетите Американски Држави и кон нивниот претседател – МЕНЕ. А американскиот Сенат решава да одржи лошо темпирано и бесмислено гласање за Законот за воени овластувања, со кое на најголемиот спонзор на тероризмот во светот му порачува дека на Соединетите Држави не им се допаѓа тоа што јас им го правам и дека морам да престанам. Со тоа, всушност, му дадоа помош и охрабрување на непријателот“, објави Трамп на својата платформа „Трут соушл“.
Трамп ги нападна и сенаторите од неговата Републиканска партија поради нивната поддршка за Резолуцијата.
„Четворица републикански губитници гласаа заедно со демократите, а Иран ги праша моите луѓе: „Што значи сето ова?“ Овие сенатори само ми ја направија работата потешка, но јас ќе ја завршам, на еден или на друг начин, затоа што јас секогаш ја завршувам работата“, објави Трамп.

За резолуцијата гласаа 50 сенатори, а 48 се изјаснија против. Резолуцијата минатиот месец беше изгласана во Претставничкиот дом.
Првпат двата дома на Конгресот усвојуваат резолуција со која се бара од претседателот повлекување на американските вооружени сили од воена операција, откако е донесен Законот за воени овластувања во 1973 година.
Резолуцијата е изгласана по десеттиот обид, како одговор на воениот конфликт што САД и Израел го почна против Иран на 28 февруари.