ДВАНАЕСЕТ СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ БАРААТ РЕФОРМА НА ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ ПО ПРИМЕРОТ НА ПОЛСКА Помал буџетски товар и јавен долг, без да се чепнат заштедите на осигурениците
Ден по спроведувањето на реформата, граѓаните во МАПАС би можеле да ја проверат состојбата на своите заштеди во вториот столб и износот на нивната сметка би бил идентичен, до денар, со оној пред реформата. Суштинската промена би се одвивала во заднина, бидејќи државата поинаку би ги организирала своите обврски кон граѓаните што штедат во вториот столб. Ваквата операција би можела веднаш да го отстрани транзицискиот трошок од околу 2% од БДП и да го намали евидентираниот јавен долг за приближно 12 процентни поени од БДП, без да бидат засегнати приватно инвестираните финансиски средства.
Дванаесет меѓународни експерти за пензиски системи, меѓу кои поранешни високи функционери на Меѓународнииот монетарен фонд (ММФ) и на Меѓународната организација на трудот (МОТ), како и универзитетски професори од Европа, Канада и од САД, бараат Светска банка повторно да го преиспита моделот на задолжителниот втор пензиски столб во Македонија. Во иницијативата од 3 август 2026 година, тие предлагаат крупно преструктурирање на системот, со кое, според нивната пресметка, би можел да се елиминира транзицискиот дефицит од околу 2% од БДП годишно и јавниот долг да се намали за околу 12% од БДП.
Основната теза на иницијативата е дека економската претпоставка врз која бил воведен вториот столб во 2006 година не се остварила. Со реформата, дел од придонесите што претходно целосно влегувале во државниот пензиски систем, бил пренасочен кон задолжителни приватно управувани фондови. ММФ исто така констатира дека пренасочувањето на придонесите кон вториот столб создава јаз меѓу приходите од придонеси и расходите за пензии во првиот столб, кој се покрива од државниот буџет.
Парадоксот на сегашниот модел
Иницијаторите тврдат дека оправдувањето за таквиот систем било очекувањето дека долгорочниот принос на капитализираните средства значително ќе го надминува растот на економијата и на тој начин, по повеќедеценискиот транзициски период, ќе обезбеди повисоки пензии. Но, според пресметките наведени во иницијативата, во изминатите 20 години, просечниот реален принос на вториот столб изнесувал 2,14% годишно, додека реалниот раст на БДП во просек бил 2,7%. Иницијаторите ова го опишуваат како „ризик од динамичка неефикасност“: државата плаќа висока цена за транзицијата, а капитализираниот систем не остварува принос што би ја оправдал таа цена.
Вториот проблем на кој укажуваат иницијаторите е структурата на инвестициите. Речиси две третини од средствата на вториот столб, според нив, се вложени во македонски државни обврзници. Дека портфолијата се силно концентрирани во државни хартии од вредност констатира и Државниот завод за ревизија, додека МАПАС наведува дека домашните државни хартии остануваат доминантен дел од инвестициите на капитално финансираното пензиско осигурување.
Тука авторите на иницијативата го гледаат парадоксот на сегашниот модел: државата пренасочува дел од пензиските придонеси од ПИОМ кон приватните фондови, поради што мора дополнително да го финансира дефицитот во првиот столб, додека пензиските фондови значителен дел од добиените пари повторно ѝ ги позајмуваат на државата, купувајќи државни обврзници. Така економски се создава кружно движење на парите, но со важна последица – задолжувањето се евидентира како јавен долг, а државата плаќа и камата.
Превисок транзициски дефицит
Иницијативата проценува дека годишниот транзициски дефицит веќе достигнал околу 2% од БДП и дека ќе продолжи да расте пред умерено да почне да се намалува по 2031 година. Авторите пресметуваат дека во следните две децении просекот сепак би останал близу 2% од БДП. Официјалната фискална стратегија исто така покажува значителни трансфери поврзани со приватните пензиски фондови, додека Светска банка претходно констатираше дека пренасочувањето средства кон индивидуалните сметки придонесува кон големиот вкупен пензиски дефицит.
Според иницијаторите, тоа е особено проблематично за земја кандидат за членство во ЕУ, која треба да се приближува кон европската референтна граница од 3% буџетски дефицит, а истовремено има големи потреби за инфраструктура, образование и за развој. Дури и кога вториот столб целосно ќе созрее, тие проценуваат дека фискалниот товар би останал над 1% од БДП годишно, поради каматите на државниот долг што го поседуваат пензиските фондови. Нивната проекција е дека таквиот долг би можел да достигне околу 30% од БДП.
65% од средствата во вториот столб да се претворат во индивидуално евидентирани пензиски права во рамките на јавниот систем
Предлогот, сепак, не е едноставно укинување на приватното пензиско штедење. Авторите на иницихативата прават разлика меѓу капитализирани пензии и начинот на кој е конструиран задолжителниот втор столб. Како можен модел ја посочуваат Полска, која во 2014 година спроведе големо преструктурирање на својот систем, откако се соочи со слични фискални проблеми.
За Македонија тие предлагаат приближно 65% од средствата на вториот столб што се инвестирани во државни обврзници да бидат претворени во таканаречени нотионални дефинирани придонеси (NDC), односно индивидуално евидентирани пензиски права во рамките на јавниот систем. Останатите средства, кои навистина се инвестирани на финансиските пазари, би продолжиле да функционираат како приватно капитализирано пензиско штедење во рамките на дополнителните пензиски аранжмани.
Според пресметката во иницијнативата, ваквата операција би можела веднаш да го отстрани транзицискиот трошок од околу 2% од БДП и да го намали евидентираниот јавен долг за приближно 12 процентни поени од БДП, без да бидат засегнати приватно инвестираните финансиски средства. Тоа е најрадикалниот дел од предлогот и веројатно ќе биде клучното прашање во евентуалната расправа – дали трансформацијата на државните обврзници во пензиски права навистина го намалува економскиот товар или пред сè го менува начинот на кој се евидентираат идните обврски на државата.
Заштедите на осигурениците во вториот столб ќе останат безбедни
Во досегашните расправи за потребата од реформа на пензискиот систем, клучно прашање што ги засегаше осигурениците кои штедат во вториот пензиски столб е што ќе се случи со нивните пари. Стравот е дека тие пари би можеле да се обезвреднат или, едноставно, да пропаднат.
Иницијаторите на ова прашање имаат јасен и недвосмислен одговор дека ништо од тоа нема да се случи и дека заштедите во вториот столб се безбедни:
– Ден по спроведувањето на реформата – велат авторите на иницијативата – граѓаните во МАПАС би можеле да ја проверат состојбата на своите заштеди во вториот столб и износот на нивната сметка би бил идентичен, до денар, со оној пред реформата. Суштинската промена би се одвивала во заднина, бидејќи државата поинаку би ги организирала своите обврски кон граѓаните што штедат во вториот столб. Наместо сегашниот кружен механизам, кој сметководствено ги зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг и ги поткопува јавните финансии, државата своите обврски кон граѓаните би ги организирала директно, преку државни NDC-сметки, кои не влијаат врз јавниот долг и на кои државата секоја година би им припишувала принос (во висина на сегашните камати), кој не би влијаел врз зголемувањето на буџетскиот дефицит. Овој механизам веќе беше успешно применет во Полска, земја која како членка на ЕУ, се разбира, ги почитува сите европски и меѓународни сметководствени стандарди, а резултатот беше токму оној што го наведовме во нашата иницијатива.
Демографскиот проблем останува и ја наметнува потребата од други реформи
Иницијаторите нагласуваат дека предложената операција не го решава демографскиот проблем и не може да ги замени другите реформи на ПИОМ. Тука нивниот став делумно се совпаѓа со анализите на Светска банка: стареењето на населението останува сериозен долгорочен проблем, а Банката предлага промени во индексацијата, постепено зголемување и изедначување на старосната граница и промени во придонесите. ДЗР наведува дека уделот на населението над 65 години, според проекциите, може да порасне од 19,1% во 2025 година на 32,6% во 2050 година.
Иницијатори на оваа реформа се Роберт Л. Браун, Елса Форнеро, Елејн Фулц, Кшиштоф Хагемајер, Питер С. Хелер, Алберт Јегер, Ахим Кемерлинг, Арун Муралидар, Мартин Потуочек, Андраш Шимонович, Тине Становник и Никола Алтипармаков. Меѓу нив има поранешен заменик-директор на Одделот за фискални прашања на ММФ, поранешен советник во ММФ, поранешна директорка во МОТ и поранешен претседател на Меѓународната актуарска асоцијација. Тие ја повикуваат канцеларијата на Светска банка отворено и непристрасно да ги преиспита резултатите од моделот што Банката го поддржа пред две децении и да оцени дали неговото преструктурирање може истовремено да ја подобри одржливоста на пензискиот систем и да ослободи јавни средства за инвестиции во инфраструктура, во образованието и за други развојни приоритети.