ДОДЕКА ИГРА НА СВЕТСКО, ГО ВИКНАА НА СУД ПОД ОБВИНЕНИЕ ЗА СИЛУВАЊЕ Марокански репрезентативец се најде во непријатна ситуација

Фудбалерот на ПСЖ и капитен на мароканската репрезентација ги отфрла сите обвинувања и тврди дека судењето конечно ќе му овозможи јавно да ја изнесе својата страна од приказната.

0

Мароканскиот репрезентативец Ашраф Хакими ќе мора да се појави пред суд во Франција, откако француските правосудни органи потврдија дека против него ќе се води судска постапка по обвиненијата за силување.

Фудбалерот на ПСЖ и капитен на мароканската репрезентација ги отфрла сите обвинувања и тврди дека судењето конечно ќе му овозможи јавно да ја изнесе својата страна од приказната.






Хакими преку социјалната мрежа „Икс“ порача дека со нетрпение го очекува процесот бидејќи, како што наведе, конечно ќе има можност да проговори за случајот.

Случајот потекнува од февруари 2023 година, кога тогаш 24-годишна жена пријавила во полицијата во областа Вал де Марн дека била силувана од познатиот фудбалер.

Според наводите од истрагата, таа изјавила дека со Хакими се запознала преку Инстаграм во јануари истата година, а подоцна заминала во неговиот дом со такси кое, наводно, го организирал самиот фудбалер.

Обвинителката тврди дека Хакими ја бакнувал и допирал без нејзина согласност, по што ја силувал. Жената навела дека успеала да го оттурне и да испрати порака до пријателка, која потоа дошла по неа.

Засега не е објавен датумот кога ќе започне судењето пред кривичниот суд во департманот О де Сен.

Адвокатката на Хакими, Фани Колен, изјави дека ваквата одлука била очекувана и нагласи дека не претставува доказ за вина.

– Оваа одлука беше очекувана. Ништо во неа не покажува дека тој е виновен за какво било дело. Тој останува цврст во својата одбрана – изјави Колен.

Од другата страна, адвокатката на жената која ја поднела пријавата, Рејчел-Флор Пардо, оцени дека одлуката на судот донела „олеснување и надеж“ за нејзината клиентка.

Жената која го обвинува Хакими неодамна првпат јавно проговори за случајот под псевдонимот Жан, истакнувајќи дека сака судење за да биде сослушана.

– Сакам да објаснам што се случи. Сакам луѓето да ми веруваат – изјавила таа.

Во меѓувреме, Хакими се наоѓа со репрезентацијата на Мароко на Светското првенство, каде во петок ќе настапи во вториот натпревар од групната фаза против Шкотска.

Поврзани содржини