ДНЕВНА ЕВТИНА ТАРИФА ЗА СТРУЈА МОЖЕ ДА ТРАЕ 5 ЧАСА Ристов најави анализа на тарифите за да се искористи вишокот струја од фотоволтаичните централи
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика вели дека ноќната тарифа ќе остане, но може ќе се помести периодот.
Идејата за анализата за блок тарифите е како граѓаните да добијат пониска цена за електрична енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Ацо Ристов.
– Овој систем на блок тарифи е донесен за време на енергетската криза. Од тогаш до сега, во енергетскиот сектор се имаат променето многу работи. Тоа е и повод за размислување како да се воспостави систем кој ќе обезбеди произведената електричната енергија од обновливи извори, која е далеку поевтина од онаа што ја произведува ЕСМ а државата ја субвенционира, да стигне до граѓаните. Ние сме во нов енергетски период. Енергетиката е динамична, а наша цел како регулатори е евтината енергија да дојде до домаќинствата – рече Ристов во интервју за емисијата Аргумент на ТВ24.
Идејата, нагласи, е да се искористи хиперпродукција на електричната енергија од фотоволтаичните централи и истата да се стави во систем за да може да ја користат граѓаните и зошто, ако можеме да дозволиме проширување на евтината дневна тарифа, тоа да се направи од два на пет часа.
-Ноќната тарифа ќе остане, но може ќе се помести периодот- да ги видиме резултатите од анализата што ќе покажат – потенцира Ристов.