МАКЕДОНИЈА СЕ ПЛАСИРАШЕ НА СВЕТСКОТО РАКОМЕТНО ПРВЕНСТВО! Словачка беше надиграна и во реваншот
Македонија имаше водство од почетокот до крајот на мечот, не дозволувајќи им на Словаците ниту да помислат на пресврт и изненадување.
Со тотална доминација на теренот и уште една уверлива победа над Словачка ракометарите на Македонија се пласираа на ракометниот Мундијал. Избраниците на Кирил Лазаров ќе играат на СП 2027 во Германија во јануари, откако во неделата навечер во исполнетата сала „Борис Трајковски“ во реваншот ја совладаа Словачка со 38-23. На првиот меч Македонија триумфираше со 31-24.
Македонија имаше водство од почетокот до крајот на мечот, не дозволувајќи им на Словаците ниту да помислат на пресврт и изненадување.
Откако во првиот дел Македонија поведе во еден момент и со 8 гола разлика (12-4), се знаеше дека пласманот за следниот Мундијал е на дофат.
Во вториот дел македонските ракометари само ја зголемуваа предноста, и на крајот дојдоа до најголемо водство од 15 голови.
Филип Кузмановски беше најефикасен со 11 голови, а Велковски постигна шест.
Селекторот Кирил Лазаров им честиташе на своите избраници на постигнатиот успех.
– Сакам да им честитам на момците за денешните 15 гола разлика, таа разлика не се постигнува туку-така. Мора да бидеме задоволни без разлика на нивото на ривалот Словачка. Презадоволен сум од пристапот на двата натпревара од сите играчи. Во претходните 1,5 година успеавме да составиме тим на играчи кои се борат еден за друг, дисциплинирани се, не е важно кој е најдобар важно е да победуваме. Се мачевме многу да дојдеме до ова, и сега мора да го задржиме тоа. Мислам дека играчите растат со нашата лига, во нивните клубови, со квалитетни натпревари добиваат на искуство.
Откако јас сум селектор, ова е шесто големо натпреварување во низа, со 99% променета генерација од претходно. Тој процес треба да се истрпи, а ние успеавме во тој период со стручниот штаб, со РФМ, со медиумите, да опстанеме на големата сцена и да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија – рече Лазаров.