Зошто обвинителите Абази и Коларевиќ мора да си заминат?

Кога Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција соопшти дека ја запира истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, не се отворија само прашања за самиот предмет. Се отвори дилема дали институциите навистина имаат капацитет и волја да се справат со политички и бизнис структури блиски до власта без разлика дал е поранешна или сегашна.

96

Во држава во која граѓаните одамна ја изгубија довербата во правосудството, секој предмет поврзан со организиран криминал, милионски тендери и сомнежи за корупција претставува тест, не само за обвинителството, туку и за самата држава. Случајот „Мазут“, тежок 167 милиони евра, требаше да биде токму таков тест. Наместо тоа, стана уште една причина јавноста да верува дека правдата во Македонија не е слепа, туку селективна.

Кога Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција соопшти дека ја запира истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, не се отворија само прашања за самиот предмет. Се отвори дилема дали институциите навистина имаат капацитет и волја да се справат со политички и бизнис структури блиски до власта без разлика дал е поранешна или сегашна.






Не е спорно дека обвинителството има право да запре постапка ако нема доволно докази. Но, во случајот „Мазут“ јавноста слушна нешто многу позагрижувачко: дека во истрагата наводно биле игнорирани извештаи на Државниот завод за ревизија, институција која официјално констатирала сомнежи за штетност и неправилности во набавката. Ако тоа е точно, тогаш проблемот не е само во исходот на истрагата, туку во начинот на кој таа била водена.

Антонио Милошоски можеби користи остра политичка реторика, но зад неа стои суштинско прашање: како е можно во предмет тежок 167 милиони евра да не бидат темелно анализирани ревизорските извештаи, техничките дефекти во ТЕЦ Неготино и анексите со кои набавката дополнително се зголемувала?

Дополнителен сомнеж создава и реакцијата на ЕСМ, која најави жалба до Вишото јавно обвинителство со тврдење дека обвинителката Катерина Коларевиќ паушално ги толкувала исказите на инженерите и вештачењата.!?

Кога државна компанија јавно го оспорува начинот на кој обвинителството ја водело истрагата, тоа веќе не е обична политичка дебата. Тоа е институционален аларм. И токму тука започнува вистинскиот проблем.

После сите сомнежи, реакции и сериозни јавни обвинувања, Ислам Абази и Катерина Коларевиќ веќе немаат ниту професионален ниту морален кредибилитет да останат ни ден повеќе на функциите. Во секоја нормална држава, обвинители кои не ги презеле сите неопходни дејствија за целосно расчистување на сомнежи за криминал тежок 167 милиони евра, а јавноста за тие пропусти дознала дури отпосле, не би чекале политичкиот притисок да престане или да олабави, туку веднаш самите би поднеле оставка.

Оставката денес не е прашање на политички притисок. Таа е минимум институционална одговорност. Особено затоа што овде не зборуваме за банален предмет, туку за истрага поврзана со 167 милиони евра народни пари, со сомнежи за штетен мазут, технички дефекти и можни злоупотреби во постапките за набавка. Ако во ваков случај обвинителството не успеало или не сакало да утврди одговорност, тогаш јавноста има право да бара одговорност од самите обвинители.

Но оставките не се доволни. Целата оваа папазјанија не смее ова да заврши само со политички препукувања и прес-конференции. Мора да има формална, независна и темелна истрага за постапувањето на Абази и Коларевиќ и тоа без разлика дали пропустите биле свесни или несвесни.

Ако намерно биле игнорирани ревизорски извештаи, вештачења или други релевантни докази, тогаш станува збор за сериозен институционален скандал со можни елементи на злоупотреба на службената положба. Ако, пак, се работи за непрофесионалност, нестручност или груби пропусти, тогаш тоа е уште поалармантно за институција која треба да биде првата линија во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Во двата случаи, исходот е ист: тие не смеат да останат на функциите ниту еден ден повеќе.

Најопасно за едно општество не е само криминалот. Најопасно е кога институциите ќе почнат да го штитат криминалот, активно или пасивно. А уште поопасно е кога обвинители ќе испратат порака дека предмети од стотици милиони евра можат да завршат без никаква одговорност и без сериозна институционална последица.

Ислам Абази и Катерина Коларевиќ денес не се товар само за Обвинителството. Тие стануваат симбол на систем во кој одговорност нема ниту за оние што истражуваат, ниту за оние што треба да бидат истражени.

Затоа, ако навистина сакаат да покажат барем минимална професионална чест, единствениот исправен чекор е веднаш да поднесат оставка и да овозможат независна истрага за целото постапување во случајот „Мазут“.

Во спротивно, јавноста со право ќе верува дека ова не било правна одлука туку политичка заштита.

Советот на јавни обвинители нема право на молк. Тој е должен итно да отвори независна постапка, да ја утврди целосната одговорност за постапувањето во случајот „Мазут“ и да покаже дека во Македонија сè уште постои институција која е над политиката, интересите и притисоците. Но, кога довербата на граѓаните одамна е урната и во обвинителството и во институциите што треба да вршат надзор над него, тогаш најлогично и најодговорно е Собранието да формира независна истражна комисија која ќе утврди дали во случајот „Мазут“ имало политичка заштита, селективност или сериозни институционални пропусти.

Во европската и регионалната пракса, токму вакви анкетни или истражни комисии се формираат кога постои огромен јавен интерес, сомнеж за институционално прикривање и сериозно нарушена доверба во редовните механизми на контрола и одговорност.

Сето ова е важно токму затоа што случајот „Мазут“ не отвори само сомнежи за криминал, туку повторно ги отвори и четирите најголеми рани на македонскиот правосуден систем: селективната правда, недовербата во обвинителството, недоволната компетентност и чувството дека големите случаи во Македонија речиси секогаш завршуваат без вистинска одговорност.

Поврзани содржини