ПОРТАЛОТ ВЕЧЕР ОТВОРА „АФЕРА КЕДЕВ“ Обвинувањата на кардиологот за „непотребни операции на срце“ не се потврдија, но дали исплива политичка заднина на случајот?

Порталот Вечер тврди дека има увид во документацијата за спорните 9 пријавени случаи. Осум од нив биле пријавени од д-р Кедев, за наводно „непотребни операции“. Најинтересното е тоа што Вечер тврди дека 2 пациенти од тие 8 случаи што ги пријавил како спорни, во приватни клиники дошле со упат на самиот д-р Кедев. Во 8-те случаи, 3 пациенти воопшто не биле оперирани. По операциите, пациентите од останатите 5 случаи се живи и здрави.  

0

Порталот Вечер отвора спектакуларна „афера Кедев“, повикувајќи се на документи за 9-те спорни случаи, за кои д-р Сашко Кедев тврдеше дека биле изложени на „непотребни операции на срце“. Вечер тврди дека самиот Кедев упатил 2 пациенти за операција во приватна клиника и тие се на списокот на спорни случаи што ги соопшти Министерството за здравство.

Како што е познато, кардиологот Кедев од државната Клиника за кардиохирургија, минатата година јавно рашири сомнежи дека на приватни клиники се вршат непотребни операции на срце, заради профит. Пред неколку дена, министерот за здравство Азир Алиу ги соопшти наодите на комисијата од странски експерти, кои анализирале 13 случаи поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки интервенции или непотребно упатени за операција.






Во 9 случаи, странските експерти утврдиле „сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација – на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и писмениот извештај – по што следувала несоодветна индикација за процедури, било ендоваскуларни или хируршки“. Иако Алиу цитираше заклучок дека „одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваниот професионален стандард и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход“, сепак во ниту еден дел на тој извештај не се потврди она што го тврдеше Кедев долго време – дека се извршени операции на срце, а тоа не било потребно.

Министерот Алиу посочи дека пациентите од анализираните случаи биле на возраст од 46 до 78 години, а се испитувале интервенции на Клиника за кардиологија, Клиниката за кардиохирургија, Клиничка болница Штип, Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“, ПЗУ Кардио Ар Штип, Клиничка болница „Жан Митрев“ и на Клиничка болница „Аџибадем Систина“.

Порталот Вечер тврди дека има увид во документацијата за спорните пријавени 9 случаи. Осум од нив биле пријавени од д-р Сашко Кедев, за наводно „непотребна операција“. Се работи за возрасни до постари лица. Интервенциите биле извршени пред 16 до 24 години. Порталот Вечер дава детали за сите 9 спорни случаи. Од 8-те случаи пријавени од д-р Кедев, пациентиоте во 3 случаи воопшто не биле оперирани. По операциите, пациентите од останатите 5 случаи се живи и здрави.

Порталот Вечер тврди дека има увид и во видео-изјави на пациенти, дадени со нивна согласност, кои тврдат дека кардиохируршките зафати кои им се извршени уследиле после долги лекувања и претходни медицински испитувања во државните клиники. Пациентите тврдат дека имале позитивен ефект од интервенциите.

Детали за аферата што ја отвора порталот Вечер можете да прочитате на следниот ЛИНК.

Во очекување сме и на реакција на д-р Сашко Кедев.

Поврзани содржини