ДАЛИ Е НЕОПХОДНО ДВЕ МАЛИ ДЕЦА ДА СЕ НОСАТ ВО ШКОЛО СО КОНВОЈ? Откриено е зошто Хари и Меган ги испишаа децата од училиште

Арчи и Лилибет беа испишани од училиштето по само два дена откако нивниот превоз до таму се покажал како безбедносен проблем. Поранешен шеф на кралското обезбедување смета дека за безбедноста е всусшност најдобро - да се само малку подискретни

0

Принцот Хари и Меган Маркл ги испишаа своите деца од приватното училиште во кое почнаа да одат во Велика Британија по само два дена, а сега се појавија детали за безбедносниот проблем што ја предизвикал одлуката.

Седумгодишниот Арчи и петгодишната Лилибет требало секој ден да патуваат од новиот дом на семејството до училиштето, но рутата се покажала како сериозен проблем. Патувањето траело околу еден час, а утринските сообраќајни гужви биле толку големи што безбедносниот конвој не можел непречено да се движи.






Според информациите што ги објавија британските медиуми, децата биле превезувани со безбедносен конвој, а во еден момент двете возила се разделиле во сообраќајниот метеж. Така, возилото со Арчи и Лилибет останало заглавено во колоната, без придружното возило во непосредна близина. Токму тоа било оценето како безбедносен проблем.

Меѓутоа, поранешниот шеф на кралското обезбедување Даи Дејвис прашува дали е неопходно две мали деца секој ден да се носат на училиште со конвој.

– Ако не се истакнувате, повеќето луѓе надвор од училиштето нема да знаат каде сте, што правите и сè останато. Дали навистина две мали деца мора да се возат на училиште во конвој? Кога би биле само малку подискретни и помалку би се истакнувале, според мое мислење, би биле многу побезбедни – изјавил Дејвис.

И други родители забележале дека присуството на семејството веднаш предизвикало внимание во училиштето. Една мајка чии две деца учат таму изјавила дека запишувањето на Арчи и Лилибет било голем настан меѓу родителите и дека многумина биле збунети од целата ситуација.

– Не мора да бидете експерт за да знаете колку е ова подрачје сообраќајно оптоварено. Тоа е едно од најлошите места за возење во Велика Британија – рекла таа. Друг родител кратко коментирал дека било очигледно оти долгото патување ќе создаде проблеми.

Одлуката за промена на училиштето била донесена по совет од нивниот приватен безбедносен тим. Според портпаролот на Хари и Меган, промената не е критика за училиштето или неговиот персонал, туку резултат на проценката на безбедносните аранжмани и практичноста на секојдневното патување.

Арчи и Лилибет сега одат во друго училиште, поблиску до нивниот дом. Безбедносниот тим бил позадоволен од новата локација затоа што патувањето е значително пократко. Името на училиштето не е објавено, а децата веќе го посетиле пред официјално да почнат да одат таму.

Случајот предизвика и прашања за тоа зошто безбедносниот тим не ја предвидел гужвата порано. Според британските извештаи, рутата била проверувана во текот на летниот период, но вистинската слика се покажала дури кога започнала учебната година и сообраќајот станал многу погуст. Поранешниот висок полициски функционер Дал Бабу изјавил дека е тешко да се разбере зошто семејството не го разгледало проблемот порано.

– Тешко е да се поверува дека за тоа не размислиле подобро. Мислам дека Хари не си помогна ниту себеси, ниту на целата ситуација со тоа што не ги организираше работите навреме – рекол тој.

Хари и Меган се вратија во Велика Британија кон крајот на август, по околу шест години живот во Калифорнија, а нивното враќање повторно го отвори прашањето за нивната безбедност. Хари со години се спори со британските власти околу нивото на полициска заштита што му следува при престој во земјата. Во моментов се разгледуваат и безбедносните аранжмани за него и за Меган.

Во меѓувреме, Хари и Меган веќе се приклучиле во родителските групи на „Ватсап“, а Хари бил забележан како едно од децата го носи до новото училиште.

Поврзани содржини