Чулев демантира: Чавкова е распоредена согласно законските прописи и тоа е исправање на неправдите од минатото

Можеби исправањето на неправдите од минатото на некого му пречи, но јас и понатаму ќе бидам на страна на вработените и ќе постапувам исклучиво во согласност со законите - вели Чулев. Ја информирам јавноста дека конкретното распоредување е направено врз основа на извештај од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди

1,304

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска на својот Фејсбук профил објави демант на обвинувањата од СДСМ дека незаконски ја унапредил сопругата на Митко Чавков, Јасмина Чавкова, и тврди дека нејзиното унапредување е исправање на неправдите од минатото.

 

– Уште една лага, односно лажна вест креирана од страна на структурите на СДСМ. Но и случај кој уште еднаш го потврдува незаконското работење на Оливер Спасовски во изминатиот период.

Можеби исправањето на неправдите од минатото на некого му пречи, но јас и понатаму ќе бидам на страна на вработените и ќе постапувам исклучиво во согласност со законите.

Ја информирам јавноста дека конкретното распоредување е направено врз основа на извештај од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди кој е изготвен врз основа на претставка поднесена од посочено лице, во кој се констатира дека истото подолг временски период е распоредено на работно место кое е во спротивност со законот. Во извештајот е констатирано дека со цел избегнување на дополнителни трошоци на товар на МВР по основ на тужба, одделот смета дека од страна на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси при БЈБ треба да изврши ревизија на распоредувањето и Јасмина Чавкова да биде распоредена согласно позитивните законски прописи на важност во МВР.

Напоменувам, дека кога станува збор за постапување по однос на задолжителни мерки утврдени во извештајот Одделот за внатрешна контрола, Министерот има обврска да постапи и да ги отстрани констатираните неправилности, а во конкретниот случај станува збор за распоредување кое не е во согласност со степенот на образование – напиша Чулев на Фејсбук.

 






СДСМ денеска соопшти дека „Чулев повторно се става над законот, спротивно на систематизацијата ја унапредил сопругата на Чавков, без распишан интерен оглас во министерството за внатрешни работи“
– Техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев, повторно се става над законот, во обид за партизација на институциите и враќање на режимот. Чулев, без распишан интерен оглас во министерството за внатрешни работи, ја унапредил сопругата на Митко Чавков на  повисока позиција за три скалила погоре во МВР – обвинија од СДСМ и нагласија дека „ова е спротивно на систематизацијата и правилата за напредување во МВР, што сведочи за уште еден обид на Чулев, МВР да го претвори во ВМРО-МВРО“.
Поврзани содржини