ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА НЕ СЕ ДЕКЛАРАЦИЈА, ТУКУ ОБВРСКА ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА Минчев промовираше онлајн алатка за обука
Министерството за јавна администрација и проект финансиран од Европската Унија потпишаа меморандум за соработка и промовираа платформа за електронско учење. Целта е административните службеници полесно да ги применуваат принципите на еднаквост, недискриминација и отчетност.
Со цел дополнително да се зајакнат знаењата и капацитетите на административните службеници во оваа област, Министерството за јавна администрација и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, финансиран од Европската Унија, денес потпишаа Меморандум за соработка и ја промовираа новата онлајн алатка за е-учење за човекови права.
На настанот се обратија министерот за јавна администрација Горан Минчев, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, како и Барбара Лигл, лидерка на Компонента 4 во рамки на проектот.
Во своето обраќање, министерот Минчев порача дека квалитетот на јавната администрација не се оценува само според прописите што ги применува, туку и според довербата што ја создава кај граѓаните.
– Довербата во институциите се гради тогаш кога граѓаните чувствуваат дека системот ги почитува нивните права, постапува правично и обезбедува еднаков третман за сите. Токму затоа знаењето, професионалноста и одговорноста на административните службеници се од суштинско значење за функционирањето на едно демократско општество – истакна Минчев.

Тој нагласи дека реформите во јавната администрација не се сведуваат само на нормативни промени, туку подразбираат и создавање култура на континуирано учење, професионален развој и постојано унапредување на институционалните капацитети.
Во тој контекст, новата алатка за е-учење претставува практичен механизам преку кој човековите права ќе станат составен дел од процесот на стручно усовршување на административните службеници. Преку современи методологии и интерактивни содржини, платформата ќе придонесе кон подобро разбирање и примена на принципите на еднаквост, недискриминација, отчетност и почитување на човековото достоинство во секојдневното работење на институциите.
Во рамки на настанот беше истакнато и значењето на континуираното следење и спроведување на препораките на националните и меѓународните механизми за заштита на човековите права, како и потребата од нивно поефикасно интегрирање во работата на јавниот сектор.