ЧЕТВРТООДДЕЛЕНЦИ ВО ШТИП СПАСИЈА ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ Малите јунаци не се двоумеле да му помогнат на дедо кој изгубил свест
Веднаш истрчавме да видиме дали е добар дедото и јас веднаш го препознав дека живее во мојот влез и веднаш отидов да ја повикам неговата сопруга. Ѕвонев, ѕвонев на врататa и никој не ми отвори и повторно се вратив, го зедов телефонот од едно од другарчињата и се јавив на Брза помош и реков дали може веднаш да дојде Брза помош во паркот во Осми Ноември бидејќи на еден дедо му се слоши, потоа дојде Брзата помош и му помогна. За 5-6 минути пристигнаа од Брзата помош, објаснува едно од децата што го спасиле онесвестениот дедо.
Четвртоодделенците, Марко Ташков, Ристе Димитров, Михаил Трајчев и Давид Илиев, од штипското Општинско основно училиште (ООУ) „Тошо Арсов“, се млади јунаци кои покажаа дека вистинското знаење се мери не само со училишните успеси, туку и со неговата примена во најважните моменти од животот. Овие деветгодишни деца пред три дена во паркот во населбата Осми Ноември спасија човечки живот. Марко Ташков денеска за МИА изјави дека минатиот петок, играјќи фудбал во паркот во нивната населба, забележале дека на дедото на едно од нивните другарчиња, кое учи во училиштето, паднал во безоснание, по што веднаш реагирале.
– Веднаш истрчавме да видиме дали е добар дедото и јас веднаш го препознав дека живее во мојот влез и веднаш отидов да ја повикам неговата сопруга. Ѕвонев, ѕвонев на врататa и никој не ми отвори и повторно се вратив, го зедов телефонот од едно од другарчињата и се јавив на Брза помош и реков дали може веднаш да дојде Брза помош во паркот во Осми Ноември бидејќи на еден дедо му се слоши, потоа дојде Брзата помош и му помогна. За 5-6 минути пристигнаа од Брзата помош – вели Ташков.
Неговите другари, Ристе, Михаил и Давид додаваат дека убаво е да си хуман и храбар во такви моменти, кога на некој му е потребна помош.
Нивните наставнички, Ванѓе Манева и Елена Дубровска, велат дека оваа постапка на нивните ученици претставува вистинска инспирација и потсетник не само на нивните врсници, туку и на возрасните дека хуманоста, сплотеноста и емпатијата се основните вредности на коишто се гради една здрава заедница.
– Ние, како нивни учителки, сме горди на нивното дело и сме горди што тие се дел од нашето училишно семејство. Затоа сакаме да упатиме една јавна благодарност од наше име, од името на училиштето за нивната хуманост, за нивното дело, за нивната брза реакција и за сплотеноста во спасување еден човечки живот – вели Манева.
Наставничката Дубровска вели хуманоста е одлика на силните, на оние коишто умеат да сакаат, да даваат и да помагаат.
– Овие дечиња покажаа дека знаењето, коешто го стекнуваат овде во училиштето, можат да го употребуваат и во секојдневниот живот, секогаш кога има потреба, па дури и кога станува збор за човечки живот. Импресивно е како тоа тие успеале на брз начин да се организираат и да реагираат и на тој начин да дадат свој придонес во целата оваа ситуација – вели Дубровска.
Четвртоодделенците Марко, Ристе, Михаил и Давид одржаа лекција како треба да се реагира кога на некој му е загрозен животот и како што велат нивните наставнички, вака изгледаат вистинските хуманисти од мали нозе.
Раководството и наставниците во ООУ „Тошо Арсов“ на овие дечиња им доделија и благодарници и им порачаа дека се горди што се дел од нивното училишно семејство.