ЧЕШКА НИ ПРЕНЕСЕ ИСКУСТВА ВО ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА Андоновски очекува соработка и заеднички проекти

Министерот Стефан Андоновски на средбата со министерот за надворешни работи на Чешка, Петр Мацинка. ја нагласи важноста на меѓународната соработка и размената на практични искуства, оценувајќи дека знаењето и конкретните решенија на Чешка можат значително да придонесат кон натамошниот развој на дигиталната трансформација во земјава.

0

Размена на искуствата и добрите практики, како и отворањето нови можности за соработка со Чешката Република во дигиталната трансформација и во сајбер-безбедноста беа во фокусот на семинарот за дигитализација на јавната администрација што се одржа во Владата, а на кој се обратија министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и заменик-премиер и министер за надворешни работи на Чешка, Петр Мацинка.

Министерот Андоновски истакна дека дигитализацијата не е само технолошки процес, туку суштинска трансформација на начинот на кој функционира државата и на кој граѓаните ги остваруваат своите права и ги користат јавните услуги.






– Она што сакаме да го постигнеме е државата да биде поедноставна и поблиска до граѓаните и до компаниите, со услуги кои се достапни, брзи и лесни за користење. За нас, дигитализацијата има смисла само доколку носи реално подобрување во секојдневието – помалку административни чекори, помалку чекање и поголема сигурност и предвидливост за секој граѓанин и за секоја компанија – нагласи Андоновски.

Тој посочи дека Министерството работи на развој на дигиталните услуги, подобро поврзување на институциите, унапредување на интероперабилноста и создавање посигурна дигитална инфраструктура.

Министерот Андоновски ја нагласи важноста на меѓународната соработка и размената на практични искуства, оценувајќи дека знаењето и конкретните решенија на Чешката Република можат значително да придонесат кон натамошниот развој на дигиталната трансформација во земјава.

– Денешниот семинар го гледам како многу повеќе од презентација на две различни искуства. Го гледам како можност да започнеме нова, поконкретна и подлабока соработка меѓу Македонија и Чешката Република во областа на дигиталната трансформација – истакна Андоновски.

Посебен акцент беше ставен и на сајбер-безбедноста како неопходен дел од процесот на дигитализација.

– Колку повеќе услуги и процеси се дигитализираат, толку поважно е граѓаните да имаат доверба дека нивните податоци се безбедни и дека системите на државата се отпорни. Затоа, дигитализацијата и сајбер-безбедноста мора да одат рака под рака – порача министерот.

Претставниците на чешката делегација ги презентираа искуствата и успешните практики на Чешка во дигитализацијата на јавната администрација.

Министерот Андоновски изрази уверување дека семинарот ќе биде почеток на нови иницијативи, партнерства и конкретни проекти меѓу двете земји во областа на дигиталната трансформација.

Во рамките на дискусијата беа разгледани можностите за понатамошна соработка, воспоставување партнерства и реализација на заеднички иницијативи и проекти, вклучително и во областа на сајбер-безбедноста, соопшти Министерството за дигитална трансформација.

 

Поврзани содржини