„БУТЕЛ НЕ Е НА ПРОДАЖБА, ГРАЃАНИТЕ НЕ САКААТ ХАОС!“ Костовски со остри обвинувања кон ДУИ и Ахмети
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, со жестока реакција до Али Ахмети, обвинувајќи го дека ДУИ не реализирала клучни проекти додека била на власт и порача дека „Бутел не е на продажба“.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, со остра реакција му одговори на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по неговата посета на Бутел и повикот Албанците во општината да се обединат. Костовски порача дека Бутел „не е на продажба“ и обвини дека ДУИ, додека била на власт, не реализирала ниту еден од клучните проекти што им биле потребни на граѓаните.
„Додека Ахмети и ДУИ имаа можност да им помогнат на Албанците во Бутел, додека беа на власт, не најдоа начин ниту да обезбедат чиста вода за пиење за жителите на Љуботен, ниту нова градинка во Бутел 2. Денес тоа е веќе завршена работа, но не благодарение на него“, напиша Костовски на Фејсбук.
Тој се осврна и на повикот на Ахмети за обединување, оценувајќи дека зад таквите пораки стојат други мотиви.
„Ако Ахмети бара обединување, тоа, според мене, пред сè е заради криминал, поточно за негово лично богатење и за богатењето на неколкумина негови послушници“, наведува Костовски.
Во објавата, градоначалникот обвинува дека ДУИ гледа на секој слободен простор како можност за нова градба.
„Второ, за градење згради и создавање урбан хаос, кој нему лично и на неколкумина други им носи финансиски бенефит. Секоја чистинка во Бутел, секој парк, тие го гледаат како место за облакодер и бетонски хаос“, пишува Костовски.
Тој потсети дека во периодот од 2017 до 2021 година ДУИ имала заменик-градоначалник во Бутел, а тој период го оцени како „најтемен во историјата на општината“.
„ДУИ 2017-2021 имаше и заменик градоначалник на Општина Бутел, а богами и ‘градоначалник’. Тој период ќе остане како најтемен во историјата на оваа убава општина. За среќа, еден куп планови од тој период целосно ги поништив“, наведува градоначалникот.
Костовски истакнува дека неговиот фокус е насочен кон реализација на конкретни проекти, а не политички говори.
„Јас работам на соживот, сакам мир и работам на тоа преку проекти и конкретни резултати, а не со голи говори прикладни за 19 век“, порача тој.
Во продолжение нагласи дека граѓаните, според него, не сакаат поделби, туку подобри услови за живот.
„Граѓаните не сакаат поделби и празни ветувања. Сакаат улици, паркови, градинки, училишта, спортски центри, чиста вода, безбедност и ред. Токму тоа е мојот фокус и така ќе продолжам да работам за секој жител на Бутел, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност“, истакнува Костовски.
Тој додава дека во реализацијата на проектите ја има поддршката од Владата и од премиерот.
„Морам да истакнам дека во таа борба покрај граѓаните со мене е Владата, со целосниот свој капацитет. Секако лично е тука и претседателот Христијан Мицкоски“, наведува градоначалникот.
Објавата на Костовски следува по јавниот настап на Али Ахмети во Бутел, каде лидерот на ДУИ ги повика Албанците во општината на политичко обединување.