ЗАПАЛЕН „ПАСАТОТ“ НА АДВОКАТОТ АЛИСПАХИЌ Во пожар изгореа две возила во Бутел, полицијата трага по сторителот
Во скопската населба Бутел вчера во раните утрински часови беа опожарени две возила, од кои едното е во сопственост на познат адвокат. Полицијата работи на расчистување на случајот.
Вчера во раните утрински часови во скопската населба Бутел биле опожарени две патнички возила – „пасат“ и „мерцедес“, а едното од нив е во сопственост на скопскиот адвокат Асмир Алиспахиќ. Полицијата работи на расчистување на случајот, додека сопствениците засега не знаат кој стои зад инцидентот.
„На 25.06.2026 година, околу 02:20 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Бутел се опожарени две возила – „пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.А. (42) од Скопје, и „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на М.М. (37) од Скопје“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР додаваат дека увид на местото извршила увидна екипа од СВР Скопје и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Случајот доби и поширок интерес во јавноста поради фактот што едно од опожарените возила е во сопственост на скопскиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
Тој за „Фокус“ изјави дека нема никакви недоразбирања со никого и дека не се сомнева во одредени лица.
„За жал информацијата е точна. Верувам во институциите и нивното професионално постапување. Заради истрагата не можам ништо да кажам, за било што обратете се во МВР. Со никого немам било какви недоразбирања, не се сомневам во никого, мотивот и причината за мене се непознати“, изјави Алиспахиќ за „Фокус“.
Полицијата засега не соопштува дали постојат осомничени, а истрагата продолжува во насока на утврдување на причините и евентуалниот сторител.