БУГАРИЈА ЗА НЕКОЈ ДЕН ЌЕ ГИ ДОБИЕ ОСТАНКИТЕ НА ЦАР САМУИЛ ОД ГРЦИЈА Радев се пофали, Грчката црквадала дозвола
Грција се подготвува во текот на ова седмица да ѝ ги предаде на Бугарија посмртните останки што му се припишуваат на цар Самуил, пренесоа бугарските медиуми. Со тоа би завршиле повеќедецениските разговори меѓу Софија и Атина за останките пронајдени на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро.
Останките што му се припишуваат на цар Самуил наскоро би можеле да го напуштат Солун, повеќе од половина век откако беа откриени на островот Свети Ахил во Мала Преспа. Грчките медиуми јавуваат дека постапката за нивно предавање на Бугарија е во завршна фаза.
Според информациите на ePolitical.gr и Dete.gr, предавањето се очекува во текот на оваа недела. Прашањето со децении било предмет на разговори меѓу двете земји, без конечно решение.
Една од пречките била потребната согласност од Грчката православна црква. Според најновите информации што ги пренесуваат грчките медиуми, таа дозвола сега е обезбедена.
Веста ја пренесоа и бугарските медиуми.
„Во Софија Самуил се запозна со христијанството“
Премиерот на Бугарија нагласи дека ова е резултат на интензивни преговори меѓу Бугарија и Грција.
„В сабота, 3 октомври, наутро, ќе бидам во Музејот на византиската култура во Солун, каде што, на церемонија што ја организира премиерот на Грција, посмртните останки на цар Самуил официјално ќе бидат предадени на бугарската држава“, објави Радев.
Тој информираше дека по нивниот транспорт со авион до Софија, тие ќе бидат положени во посебен саркофаг во црквата Света Софија, каде што, според Радев, идниот цар на Бугарија бил „запознаен со христијанството како дете“.
Радев рече дека истиот ден во 12:30 часот ги поканува сите Бугари во Софија за да ги пречекаат посмртните останки на цар Самуил.
„Потоа, заедно со поворка, ќе го испратиме во Света Софија на неговото последно патување, додаде тој.
Од Преспа до музеј во Солун
Останките биле откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос при ископувањата на базиликата Свети Ахил.
Муцопулос една од гробниците ја поврзал со цар Самуил, кој починал во 1014 година. Грчките археолошки извори и денес наведуваат дека се верува оти неговото погребно место се наоѓало во десниот кораб на базиликата.
Посмртните останки подоцна биле пренесени и денес се чуваат во Музејот на византиската култура во Солун, според информациите што ги пренесуваат грчките и бугарските медиуми.

Софија повеќе од две децении официјално разговара со Атина за нивно пренесување. Темата повторно добила интензитет во билатералните разговори од 2022 година.
Грчките медиуми ја поврзуваат постапката и со пошироките прашања за историското и црковното наследство меѓу двете земји. Атина во минатото барала враќање црковни реликвии, ракописи и други предмети однесени од северна Грција за време на двете светски војни.
Зошто Самуил бил погребан токму на Свети Ахил?
Местото на кое бил пронајден гробот не било случајно. Преспа била едно од главните политички и црковни средишта на Самуиловата држава пред центарот да биде пренесен во Охрид. Официјалната грчка археолошка документација наведува дека Самуил најпрво владеел од Преспа, а потоа од Охрид.
По освојувањето на Лариса околу 985–986 година, Самуил ги пренел во Преспа моштите на Свети Ахил, епископот и заштитник на Лариса. За нив на островот изградил голема трикорабна базилика, која требало да биде и седиште на тогашната црковна организација.
На островот се наоѓале и неговите владетелски објекти, а базиликата била еден од најзначајните сакрални објекти на тогашниот политички центар. Токму затоа со Самуил се поврзува една од четирите истакнати гробници откриени во јужниот кораб, за кои Муцопулос сметал дека припаѓале на членови на владетелското семејство.
Цар Самуил починал во 1014 година, по битката кај Беласица со неговиот византиски соперник Василиј II.
Останките од уште два саркофази пронајдени во истата црква, кои му припаѓаат на синот на Самуил, царот Гаврило Радомир и други членови на кралското семејство, исто така ќе бидат предадени на Бугарија.