БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ВЕНЕЦУЕЛА ДОСТИГНА 1.430 Од последиците ќе бидат погодени околу 6,76 милиони луѓе
Потенцијалниот ефект од тоа може да е хуманитарна катастрофа, соопшти Меѓународната организација за миграција, агенција на Обединетите нации.
Бројот на загинати во катастрофалните земјотреси во Венецуела се зголеми на 1.430, најмалку 3.238 лица се повредени, додека 3.142 семејства останаа без своите домови, соопшти денеска претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, објави Cи-Ен-Ен.
Тој додаде дека по двата главни земјотреси што ја погодија Венецуела во средата, земјата била погодена од најмалку 430 последователни потреси. Земјотреси со јачина од 7,5 и 7,2 степени според Рихтеровата скала ја погодија Венецуела ноќта помеѓу среда и четврток.
Американскиот геолошки завод објави дека станува збор за редок феномен познат како „дублет“, односно двоен земјотрес.
Многумина се водат како исчезнати или сè уште се заробени под урнатините, додека спасувачките екипи бараат преживеани дури и во текот на ноќта. Многу жители останаа без покрив над главата откако нивните домови беа срамнети со земја во пристанишниот град Ла Гваира, главниот град Каракас и околните области.
Околу седум милиони луѓе можно е да се директно погодени од разорните земјотреси во Венецуела, според проценките на Обединетите нации.
„Најмалку 6,76 милиони луѓе може да бидат директно погодени од разорните земјотреси што ја потресоа Венецуела на 24 јуни. Потенцијалниот ефект од тоа може да е хуманитарна катастрофа“, соопшти Меѓународната организација за миграција, агенција на Обединетите нации.
Во меѓувреме, Владата во Каракас соопшти дека 1.600 странски спасувачи пристигнале во Венецуела за да помогнат во потрагата по преживеани.