„ХЕГСЕТ ДОБИ ДВЕ ВОЈНИ, КАКО МОЖЕТЕ…“ Трамп го брани министерот од импичмент

Претседателот најави дека ќе го поддржи Хегсет доколку Конгресот ја продолжи постапката за негово отповикување. Претходно, републиканскиот претставник Маси го покрена импичментот за „тешки престапи и прекршоци“ во војната во Иран и во операциите во Јемен и во Венецуела.

0

Претседателот на САД Доналд Трамп застана во одбрана на министерот за одбрана Пит Хегсет, против кого е покрената иницијатива за импичмент поради војната во Иран и американските воени операции во Јемен и Венецуела. Трамп тврди дека Хегсет добил две војни и дека нема основа за негово отповикување.

– Добро, тој доби две војни. Не знам како може да покренете постапка за импичмент против него. Што ќе кажете за импичмент на одговорните за војните во Виетнам, Авганистан, Ирак и сите останати, кога војувавме бескрајно, а ништо не постигнавме – изјави Трамп.






Претседателот најави дека ќе го поддржи Хегсет доколку Конгресот ја продолжи постапката за негово отповикување.

Иницијативата ја поднесе републиканскиот конгресмен Томас Маси, веднаш по отворањето на првата седница на Претставничкиот дом по меѓуизборите.

Маси го обвинува Хегсет за „тешки престапи и прекршоци“, оценувајќи дека неговите постапки во војната во Иран, како и во операциите во Јемен и Венецуела, претставуваат основа за импичмент.

Предлогот за импичмент доаѓа во чувствителен момент за републиканците, кои на меѓуизборите претрпеа неуспех. Дел од партиските претставници го посочија конфликтот во Иран како една од причините за изборниот резултат.

Гласањето во Претставничкиот дом би можело да се одржи во средината на неделата.

Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, се обиде да го спречи гласањето, предупредувајќи дека постапката против министерот за одбрана би испратила погрешна порака додека американската војска спроведува операции во странство.

– Покренувањето постапка за импичмент против член на администрацијата токму сега, особено против министерот за одбрана додека се водат воени операции во странство, би испратило ужасна порака. Тоа би било нешто што нашите сојузници и противници би го виделе – изјави Џонсон на почетокот на седницата.

Се очекува повеќето демократски конгресмени да ја поддржат иницијативата на Маси.

Лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, во текот на викендот изјави дека е време Хегсет да ја напушти функцијата.

За да продолжи постапката, Претставничкиот дом треба да го усвои предлогот за импичмент, по што предметот би преминал во Сенатот.

Републиканците сè уште имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, до јануари, кога новоизбраните членови ќе положат заклетва, а демократите ќе ја преземат контролата.

Хегсет најави прес-конференција подоцна денеска, на која треба да се осврне на иницијативата за негово отповикување.

Поврзани содржини