БИТКАТА СО КОМАРЦИТЕ ПРОДОЛЖУВА, СЕ ПРСКАШЕ УТРОВО, ЌЕ СЕ ПРСКА И УТРЕ Ѓорѓиевски најави „напад“ од земја од 23 до 26 август
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека утре ќе има нов авионски третман, а од 23 до 26 август е предвидена и терестична дезинсекција.
На подрачјето на градот Скопје утрово е спроведен нов авионски третман против комарци, 14-ти по ред во текот на оваа сезона, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој најави дека дезинсекцијата ќе продолжи и во наредните денови, а за периодот од 23 до 26 август издал налози и за спроведување терестична дезинсекција на подрачјето на градот.
– Продолжуваме со засилено темпо и во наредните денови. Активностите продолжуваат и утре во раните утрински часови со нов авионски третман, а во периодот од 23 до 26 август ќе се спроведе и терестична дезинсекција на подрачјето на градот – наведува Ѓорѓиевски.
Според него, сите активности се реализираат плански и системски, согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје, кој е одобрен од надлежните здравствени власти.
Градоначалникот посочува дека во изминатиот период континуирано биле спроведувани третмани и против ларвите и против возрасните комарци.
Според објавените податоци, против ларвите на комарци досега се спроведени седум третмани:
7 мај – авионска дезинсекција;
11 јуни – авионска;
26 јуни – терестична;
10 јули – авионска;
23 јули – терестична;
11 август – терестична;
18 август – терестична.
Против комарците досега се реализирани уште седум третмани:
1 и 2 јуни – авионска дезинсекција;
18 и 20 јуни – терестична;
27 и 28 јуни – авионска;
13 и 15 јули – терестична;
30 и 31 јули – авионска;
4 и 6 август – терестична;
20 август – авионска.
Ѓорѓиевски најавува дека до крајот на сезоната ќе бидат реализирани повеќе од 20 третмани против комарци.
– Овие бројки најдобро покажуваат дека дезинсекцијата е континуиран процес кој го спроведуваме навремено, организирано и согласно однапред утврдена динамика. Продолжуваме одговорно, системски и со засилено темпо да ги преземаме сите неопходни мерки за заштита на јавното здравје и поквалитетно секојдневие за скопјани – порача градоначалникот.
Од објавената динамика произлегува дека мерките опфаќаат и третирање на ларвите, како и авионски и терестични третмани против возрасните комарци, со активности распоредени во текот на целата сезона.