„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ РЕГИСТРИРА 151 ПРЕКРШОК ЗА 36 ЧАСА Тошковски вели дека тоа е далеку под бројките од минатото
Најголем дел од овие 151 казна се за брзо возење, а само три-четири се за минување на црвено светло на семафор - изјави Тошковски при посетата на Велес.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваа на промоцијата на системот „Безбеден град“ за Велес и Повардарието, откако претходно, заедно со градоначалникот на Велес Марко Колев, поставија камен-темелник на подземна катна гаража во центарот на Велес.
Министерот Тошковски информираше дека, од стапувањето во функција на системот „Безбеден град“ за 36 часа на подрачјето на СВР Велес се регистрирани 151 сообраќаен прекршок.
– Вчера (сабота) регистрирани се 124 казни, а денес до пладне 27 казни, односно за ден и пол вкупно 151. Ова е многу помалку во споредба со бројките што ги имавме во некои претходни периоди. Велес доби и команден центар за овој систем, сместен во поранешните простории на Министерството за одбрана, кои се целосно реконструирани. Тој го покрива подрачјето на СВР Велес, односно градовите Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Најголем дел од овие 151 казна се за брзо возење, а само три-четири се за минување на црвено светло на семафор – изјави Тошковски при посетата на Велес.
Тој им се заблагодари на граѓаните што препознале дека системот е во нивен интерес и совесно ги почитуваат сообраќајните правила.
– Сфативме дека имплементацијата на системот ‘Безбеден град’ е за спасување човечки животи, а не за полнење на буџетот. Граѓаните покажаа дека можат да се однесуваат европски, а притоа во пракса да ги видиме и позитивните ефекти преку намалениот број сообраќајни незгоди, наспроти негативните последици од непочитувањето на правилата и прописите – додаде Тошковски.
Министерот Тошковски рече дека лани за осум месеци, од јануари до август, имало 96 жртви во сообраќајни несреќи на патиштата низ Македонија, додека годинава за истиот период се евидентирани 61 жртва.
Соопштувајќи дека системмот „Бебзеден град“ се актривира од сабота за подрачјето на Велес и Повардарието, Министерството за внатрешни работи апелираше до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.