БЕЗ ГАРАНЦИИ, НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ Најмалку што Софија треба да стори е да ги исполни пресудите од Стразбур

Тука е најголемата грижа и исто така очекувањето дека соседна Бугарија, кога би очекувала ние да го внесеме бугарското малцинство во нашиот Устав, најмалку што би можело да направи е да си ги исполни своите обврски согласно меѓународното јавно право, односно тука мислиме на Европската конвенција за човекови права, вели шефот на македонската дипломатија.

0

 

Maкедонија останува јасно и силно проевропски ориентирана, но истовремено останува и на црвените линии дека уставни измени во овој момент, без гаранции, не се можни. Во дадениот момент, загриженоста е дали Софија е подготвена и да ги исполни своите основни обврски за пресудите од Стразбур за македонското малцинство.

Ова се главните пораки од шефот на македонската дипломатија пред почетокот на Бизнис форумот на ИТ компании, во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Здружението на информатички компании на Грција (СЕТПЕ).

– Тука е најголемата грижа и исто така очекувањето дека соседна Бугарија, кога би очекувала ние да го внесеме бугарското малцинство во нашиот Устав, најмалку што би можело да направи е да си ги исполни своите обврски согласно меѓународното јавно право, односно тука мислиме на Европската конвенција за човекови права – рече министерот Тимчо Муцунски.

Муцински истакнува дека за уставни промеи потребна е меѓусебна доверба која се гради со институционални гаранции. Според него, за ваков тип силни гаранции нема проблем кај скоро сите земји членки на Европската Унија, освен кај една.

Во врска со изјавите на претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта, дадени за време на посетата на Скопје дека единствени заклучоци што можат да се дадат се тие дека Македонија треба да го исполни тоа што е договорено, Муцунски рече дека не слушнал таква експлицитна изјава и оти ние како држава остануваме посветени на европските реформи.

– Ме радува тоа што господинот Кошта јавно како највисок претставник на ЕУ јавно го кажа тоа што Владата долг период го говори, а тоа е дека во оваа држава има влада којашто е посветена на европските реформи. Влада којашто имплементира европски реформи и Влада којашто во делот на надворешната политика има стратешка јасна ориентација и тоа ја разби онаа хистерија којашто одредени политички структури во оваа држава се обидуваа да ја создадат, а јас не слушнав и не би навлегол во прашањето на толкување на изјавата на Кошта, но таква експлицитна изјава како што вие велите дека дека имало, јас барем не слушнав во тој дел. Јас тоа што би можел да го кажам е дека ние како држава остануваме посветени на европските реформи – истакна Муцунски.

Тој посочи дека според него, кај највисоките претставници на ЕУ постои желба за стимулирање на дијалог помеѓу двете држави и од таа гледна точка ние ќе бидеме не само конструктивен, туку и продуктивен чинител.

– Покрај тоа што велам дека имаме јасни позиции, секогаш нагласувам дека ние немаме алтернатива освен европскиот пат. Очигледно е дека во моментов постои сериозен интерес од страна на земјите членки и на европските институции за раздвижување на политиката за проширување и доколку тој интерес е искрен, секако и за нашиот спор ќе се најде соодветно европско решение – посочи шефот на дипломатијата.

Во однос на очекувањата од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Муцунски посочи дека со самото тоа што Самитот ќе се одржи во опкружувањето на Западен Балкан, е порака за регионот, а очекува и да бидат испратени дополнителни сигнали за охрабрување кxcон регионот во колективна смисла.

– Веројатно една од темите на дискусии ќе биде, бидејќи се очекува присуство на германскиот канцелар Фридрих Мерц, како тој ја гледа политиката на проширување, а еден од позитивните сигнали што ги слушаме, но веројатно изворно ќе го слушнеме во Тиват, е дека и тие идеи кои што тој ги образложи во своето писмо не се толкуваат алтернативно, односно дека ќе има некој нов модел без пат кон полноправно членство, туку како еден паралелен процес кој што би се одвивал. Но секако секогаш е најдобро покрај информациите кои што ги добиваме и изворно да слушнеме што имаат да кажат највисоките претставници и на земјите членки и на европските институции, – истакна Муцунски.

Во однос на нацрт-извештајот на Томас Вајц усвоен вчера во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), за забелешките во делот на реформите за владеење на правото, Муцунски вели дека конечната верзија не е усвоена и оти се работи за извештаен период до ноември, декември минатата година.

– Точно дека има критики, но исто така има и пофалби за одредени реформи кои што Владата ги спровела и се поврзани со владеењето на правото, со реформата на јавната администрација, со дигиталната трансформација. Така што извештајот, јас би рекол во тој дел е балансиран. Јас кажав, и јас не сум задоволен од степенот кој што правосудството врши испорака на прашања по предмети поврзани со висока корупција. Еден пример, на кој што сме сведоци е предметот поврзан со мазутот и индициите се за сериозно и тешко кривично дело извршено по тоа прашање. Би го гледал овој извештај како еден балансиран извештај и ние како држава не се согласуваме со сѐ што има внатре во тоа, но ние го немаме правото да бидеме рецензенти на содржината на тој извештај, а имаме обврска да го гледаме, да си го дадеме својот став и да продолжиме да го правиме она што, не само согласно мое гледиште, туку и согласно гледиштата на највисокиот претставник на ЕУ, државата го прави правилно и соодветно, а тоа е државата работи посветено на реформите. Државата спроведува реформи и без никаква дилема ќе повторам слушнете го и господинот Кошта, а и прочитајте го извештајот каде што е пофалена надворешната политика и стратешката ориентација на државата – рече Муцунски.

Во однос на амандманите во иозвештајот поднесени од бугарски европратеници, во кои се повикуваат двете влади и на Бугарија и на Македонија да ја одржат третата меѓувладина комисија со цел спроведување на Договорот за добрососедство и неговите протоколи, вели дека несомено треба да водиме дијалог со Софија и да одржуваме состаноци на највисоко ниво.

– Во суштина тоа не е проблемот. Проблемот е што меѓу другото, Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство. Дали е добар, дали е лош? Еве да го тргнеме тоа прашање. Имам и јас свои гледишта по тоа прашање. Еве да го тргнеме тоа прашање на страна. Бугарија во тој договор се има обврзано дека ќе го поттикнува и поддржува нашиот евроинтеграциски пат, а не го прави тоа. Доколку ме прашате дали ние треба да имаме повеќе средби на високо ниво, треба да има. Следната недела очекувам јас и претседателката Сиљановска и да бидеме во Софија. Има еден регионален настан каде што повторно ќе се среќаваме со нашите колеги, повторно ќе разговараме. Ние го немаме изборот и го немаме луксузот како европска држава, како земја членка на НАТО, да се ттргнеме од комуникација со нашите соседи, колку и да биде некогаш тешка таа комуникација – изјави Муцунски.






Поврзани содржини