БЕД БАНИ СО СЕДУМ ЕМИ НАГРАДИ ИСПИША ИСТОРИЈА Порториканската ѕвезда триумфираше со спектаклот на полувремето на Супербоул
Со седумте награди, шоуто на Бед Бани го собори досегашниот рекорд од три Еми, поставен во 2022 година за настапот на полувремето на Суперболот со Др. Дре, Снуп Дог, Мери Џеј Блајџ, Еминем, Кендрик Ламар и 50 Сент.
Бед Бани испиша историја на Еми наградите, но не беше единствената голема приказна од двете вечери на Creative Arts Emmys, на кои беа доделени повеќе од 100 признанија.
Шоуто „The Apple Music Super Bowl LX Halftime Show Starring Bad Bunny“ освои седум Еми награди, односно сите седум во категоријата во која беше номинирано. За Бед Бани ова е прва Еми награда во кариерата, а настапот стана најнаградуваниот во историјата на полувремето на Суперболот. Меѓу признанијата се и оние за најдобра разновидна специјална програма во живо, режија, музичка режија, кореографија, звук, осветлување и техничка режија и снимателска работа.
Најмногу награди на втората вечер, пак, освои „Widow’s Bay“ – дури осум. Серијата на Apple TV, која беше номинирана во 19 категории, меѓу другото ја доби наградата за најдобра гостинка-актерка во комедија, која ѝ припадна на Бети Гилпин. Таа за оваа улога ја освои својата прва Еми награда.
Шест награди освои „DTF St. Louis“, меѓу кои и актерските признанија за Дејвид Харбор и Линда Карделини. За двајцата ова беа први Еми награди во кариерата. Серијата освои и признанија за режија, сценарио, монтажа и кинематографија.
Една од најемотивните вечери беше постхумната награда за Роб Рајнер. Актерот доби Еми за гостин-актер за улогата во комедијата „The Bear“. Тоа е неговата втора актерска Еми награда, речиси пет децении по првата, која ја освои во 1978 година. На церемонијата наградата беше проследена со стоечки овации.
Меѓу големите победници е и Маришка Харгитеј, која освои две Еми награди за документарецот „My Mom Jayne“, посветен на нејзината мајка, актерката Џејн Менсфилд. Харгитеј наградите ги освои за режија и за најдобар документарен или нефикциски специјал. Интересно е што само неколку дена подоцна таа ќе ја води и главната церемонија на Еми наградите на 14 септември.
„The Traitors“ освои шест награди, а Алан Каминг третпат по ред беше прогласен за најдобар водител на реалити или натпреварувачка програма. „The Late Show with Stephen Colbert“ освои пет Еми, додека „The Pitt“ и „Pluribus“ добија по четири признанија.
Особено внимание привлече и „Spider-Noir“. Серијата со Николас Кејџ неодамна беше откажана по само една сезона, но и покрај тоа освои пет Еми, главно во техничките категории. „The Muppet Show“ исто така имаше успешна вечер, а Сабрина Карпентер ја освои својата прва Еми награда за учеството во шоуто.
Меѓу другите наградени се и Шајлин Вудли, која ја освои својата прва награда Еми за улога во драмската серија „Paradise“, Октавија Спенсер за нарација и Џими Кимел за водител на квиз-програма. Главните категории на 78. Primetime Emmy Awards ќе бидат доделени на 14 септември.