СПАСЕНО Е ТЕЛЕ ВО ПОЖАРОТ, АМА НЕ Е ТОА ОД ФОТОГРАФИЈАТА НА ДИРЕКТОРОТ НА ЦУК Мухамед Али се извини, тврди дека настанала забуна
Откако дел од новинарите му укажаа дека испратил фотографија која не е од Македонија, туку е од пожар во Калифорнија што се случил во 2020 година, директорот на Центарот за Управување со кризи Мухамед Али се извини.
Навистина е спасено теле во пожарот на Китка, но тоа не е телето од фотографијата што ја испрати директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али во вибер-групата на ЦУК за комуникација со медиумите.
Откако дел од новинарите му укажаа дека испратил фотографија која не е од Македонија, туку е од пожар во Калифорнија што се случил во 2020 година, директорот Али се извини.
– Се извинувам за настанатата забуна, сликата е само илустрација на текстот, кој е вистинска случка – рече директорот Али.
Директорот на ЦУК денеска изјави дека скопските пожарникари спасиле теле, а со изјавата ја испрати фотографијата од телето што било спасено во Калифорнија.
– Вчера додека бев на лице место на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка, покрај тешката борба со пожарот имавме и една несекојдневна и убава случка. Во метежот и огнот, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеаја да спасат едно мало теле кое останало на опожарениот терен. Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден. Во вакви моменти, секој спасен живот е важен, а меѓу огнот и пепелта, успеавме да спасиме и едно мало суштество. За жал, пожарите не ја загрозуваат само природата, имотот и животите на луѓето. Загрозени се и животните, кои често остануваат беспомошни пред огнената стихија. Затоа, апелирам на максимална одговорност и внимателност. Пожарите, без разлика дали се подметнати или избувнуваат поради невнимание, оставаат последици врз сите живи суштества. Да ја чуваме природата, да ги заштитиме луѓето, имотот и животните – изјави утрово Али.