ВО РУСКИ НАПАДИ УНИШТЕНИ 12 МИЛИОНИ КНИГИ И УЧЕБНИЦИ Киев тврди дека станува збор за планирана кампања
Во последните два месеца биле уништени печатници и логистички магацини на неколку големи издавачки куќи, каде што биле складирани огромни количини книги.
Руски ракетен напад врз печатница во близина на Киев уништил огромна количина книги наменети за украинските ученици, во момент кога производството се засилувало пред почетокот на новата учебна година.
Во нападот целосно бил уништен погон во кој требало да се испечатат околу 1,3 милиони учебници, што претставува приближно 10 отсто од сите учебници планирани за печатење во Украина, објави Би-би-си.
Меѓу остатоците од опожарената печатница биле пронајдени и јагленосани страници од учебник по англиски јазик. Пожарот бил толку силен што речиси ништо не можело да биде спасено, додека дел од книгите што го преживеале огнот биле уништени од водата употребена за гаснење или од дождот по уривањето на покривот.
Викторија Хаидаи, комерцијална директорка на издавачката куќа „Конви“, смета дека нападите врз печатниците и издавачките куќи се намерни.
Според неа, во последните два месеца биле уништени и логистички магацини на неколку големи издавачки куќи, каде што биле складирани огромни количини книги.
Во последните недели биле погодени повеќе од 35 објекти поврзани со издавачката дејност, а украинските медиуми известуваат дека во нападите биле уништени околу 12 милиони книги.