📽️ АПОКАЛИПТИЧНИ СЦЕНИ ВО АВСТРИЈА Свлечишта и поплави затрупаа автомобили и ги блокираа патиштата

Поројните дождови предизвикаа поплави и свлечишта во австриски Тирол, при што беа евакуирани 30 жители, оштетени се домови и инфраструктура, а повеќе патишта остануваат затворени.

106

Додека Франција и Шпанија се борат со пожари од невидени размери, силно невреме ја погоди австриската покраина Тирол, каде што поројни дождови предизвикаа поплави и свлечишта. Поради опасноста, жителите од алпската долина Ецтал (Ötztal) синоќа беа евакуирани.

Драматични снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат како надојдената вода носи сè пред себе веднаш покрај куќите.






Околу 22:45 часот по локално време, властите во покраината Тирол испратија предупредување за невреме до мобилните телефони на жителите во општината Зелден. Граѓаните беа повикани да останат во своите домови или да се засолнат на повисоките катови.

Истовремено беа активирани сирените на цивилната заштита и беа отворени засолништа. Во текот на ноќта беа евакуирани 30 лица, откако свлечиште го блокираше патот во близина на местото Вент.

Поради обилните врнежи, поплавени се подруми и гаражи во областа Зелден, а повеќе автомобили завршиле затрупани во кал. На фотографиите се гледаат возила полни со камења, додека дел од нив се целосно уништени. Некои домаќинства останале и без електрична енергија.

Оштетена е и постројката за пречистување отпадни води во северниот дел на општината. Работниците се обидуваат да стигнат до објектот, кој е затрупан со кал и наноси.

Две свлечишта го блокираа и патот во долината Пицтал, која исто така се наоѓа во покраината Тирол, поради што сообраќајницата сè уште е затворена.

Поврзани содржини