🎥 АКТИВИСТИТЕ КИДНАПИРАНИ ОД ИЗРАЕЛ ПРЕФРЛЕНИ ВО ГРЦИЈА Со авиони се евакуираат дома
Станува збор за државјани на Европската Унија и на трети земји, кои во петокот безбедно пристигнале на пристаниште во регионот Ласити на Крит, а 31 лице било пренесено во болница за укажување прва помош.
Најмалку 176 активисти од глобалната флотила „Сумуд“, која носеше хуманитарна помош за Газа, но беше заробена од израелската морнарица, безбедно пристигнаа на Крит и прифатени се од грчката држава, јави дописничката на МИА од Атина.
– Под исклучително тешки услови, грчката држава одговорно ја презеде хуманитарната задача за прием на учесниците во „Глобал сумуд флотила“, со единствена грижа за нивната безбедност и заштита – соопшти Министерството за надворешни работи на Грција.
Според грчкото МНР, станува збор за државјани на Европската Унија и на трети земји, кои во петокот безбедно пристигнаа на пристаниште во регионот Ласити на Крит, а 31 лице било пренесено во болница за укажување прва помош. Останатите 145 лица, со одговорност на нивните конзуларни претставништва постепено заминуваат од Грција преку аеродромот во Ираклио на Крит.
Постоела континуирана комуникација со странски дипломатски претставништва во Грција и надлежните европски институции, а грчкиот министер за надворешни работи разговарал со своите колеги, кои ѝ се заблагодариле на Грција за преземањето на оваа иницијатива.
По израелското пресретнувањето на бродовите од глобалната флотила „Сумуд“, Грција ја презеде одговорноста да ги прими на своја територија членовите на флотилата и да се погрижи за безбедно да бидат вратени во нивните земји. Грција истовремено побара од Израел да ги повлече своите бродови од областа каде што беше флотилата „Сумуд“.