📽️ ПОЛИЦАЕЦ И ПОЛИЦИСКО КУЧЕ ЗАГИНАА ВО ЕКСПЛОЗИЈА ВО ШПАНИЈА Ранец експлодирал додека го изнесувале од зграда

Полицајците го преместувале сомнителниот ранец за да ги заштитат станарите кога дошло до експлозија. Осомничениот за претходното пукање побегнал и сè уште се бара.

0

Еден полицаец загина, друг е тешко повреден, а полициско куче го загуби животот во експлозија што утрово се случила во шпанскиот град Овиедо, за време на полициска интервенција по пријава за пукање, објави „Би-би-си“.

Полицајците пристигнале на местото по пријава за расправија меѓу соседи, каде што затекнале жена со прострелни рани. Додека траела потрагата по лицето што пукало, во зградата забележале сомнителен ранец со светло што трепкало. Поради тоа, биле повикани Кинолошката единица и единицата за деактивирање експлозивни направи.






– Додека ранецот го преместувале надвор за да ја осигурат безбедноста на станарите, дошло до експлозија – изјави полицискиот портпарол Педро Агуадо.

Во експлозијата загинал припадник на Кинолошката единица, идентификуван како Хуан Хосе, а тешко бил повреден негов колега од единицата за деактивирање експлозивни направи. Животот го загубило и тригодишното полициско куче Дени.

 

Жената која претходно била застрелана и повредениот полицаец итно биле пренесени во болница.

Осомничениот за пукањето побегнал од местото и сè уште е во бегство. Полицијата спроведува голема операција во околината на експлозијата, а потрагата по него продолжува.

Шпанската полиција му оддаде почит на загинатиот колега преку објава на социјалната мрежа „Икс“.

– Нашите мисли се со неговото семејство, пријателите, колегите и најблиските – соопшти полицијата.

Шпанскиот премиер Педро Санчес изрази длабока потресеност од трагедијата и му оддаде почит на повредениот полицаец.

– Вашата посветеност и храброст ја заслужуваат благодарноста на целата земја – напиша Санчес.

Поврзани содржини