ГОЛЕМА АКЦИЈА НА 16 ЗЕМЈИ ПРОТИВ КРИУМЧАРЕЊЕТО МИГРАНТИ ОД АФРИКА Уапсени 260 шверцери, разбиени 41 мрежа
Во акцијата „Комуна Марис“ вкупно 7.660 службеници во 16 европски и африкански земји провериле повеќе од 378.000 лица, ги следеле чувствителните точки на поаѓање на миграциските рути и трагите во различни истраги.
Повеќе од 260 лица се уапсени, а откриени се 41 криминална мрежа за криумчарење мигранти меѓу Африка и Европа во четиридневна полициска операција во која учествувале сили од 16 земји, соопшти денеска Интерпол.
Во операцијата „Комунис Марис“ (Заедничко Море), спроведена од 5 до 8 октомври, уапсени се 221 лице осомничено за криумчарење мигранти, како и одреден број фалсификатори на документи, се наведува во соопштението на меѓународната организација на криминалистички полиции со седиште во Лион.
Операцијата, финансирана од Европската Унија (ЕУ), во која учествуваа полициски сили од 16 земји од Западна и Северна Африка, Европа и Блискиот Исток, доведе и до отворање 434 нови истраги во засегнатите земји, соопшти Интерпол, додавајќи дека акцијата била координирана од Атина. Вкупно 7.660 службеници во Алжир, Кипар, Франција, Гамбија, Грција, Италија, Либија, Малта, Мавританија, Мароко, Португалија, Сенегал, Шпанија, Сирија, Тунис и Турција провериле повеќе од 378.000 лица, ги следеле чувствителните точки на поаѓање на миграциските рути и трагите во различни истраги.

За време на операцијата „Комунис Марис“ на море биле пресретнати неколку пловила на кои условите биле опасни по живот. Во близина на брегот на Мароко, брод со 70 лица, меѓу кои 30 малолетници, бил на море шест дена. Во друг случај, дрвен чамец со 80 патници, кој испловил од Сенегал, бил пресретнат во близина на брегот на Мавританија. При контролите на аеродромите, особено на Кипар и во Грција, биле уапсени и мигранти кои приложиле фалсификувани документи за идентификација.
– Криумчарите ја искористуваат ранливоста на населението, често изложувајќи ги луѓето на насилство, изнуда и трговија со луѓе – изјави Дејвид Каунтер, раководител на одделот на Интерпол за организиран криминал, објаснувајќи дека мигрантите ги качуваат на преполни и неисправни пловила.
Илјадници луѓе загинале или исчезнале во морето во изминатите години обидувајќи се да стигнат до Европа преку Средоземното Море или атлантскиот брег на Африка, бегајќи од конфликти, авторитарни режими или тешките економски услови во нивните матични земји.