ШПАНИЈА РАЗБИ МРЕЖА ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, УАПСИ 50 ЛИЦА За договор за работа се плаќало однапред

Криминалната мрежа заработила повеќе од 3,2 милиони евра преку фиктивни договори за работа и незаконско регулирање на престојот на пакистански државјани. Мигрантите плаќале и до 30.000 евра за доаѓање во Шпанија, а некои завршувале во експлоататорски работни услови.

0

Дури 43 претприемачи се меѓу 50-те лица уапсени во Шпанија под сомнение дека учествувале во криминална мрежа за шверц на мигранти, која заработила повеќе од 3,2 милиони евра.

Наместо вистински работни места, претприемачите, според полицијата, обезбедувале фиктивни договори за работа со кои пакистански државјани добивале дозволи за вработување и престој во земјата.






Каталонската полиција Мосос д’Ескуадра ја спровела акцијата во провинцијата Барселона, при што биле уапсени седуммина осомничени членови на криминалната организација и 43 претприемачи кои соработувале со неа, објави шпанската радио-телевизија РТВЕ.

Организацијата имала соработници во Пакистан, кои пронаоѓале заинтересирани лица за преселување во Шпанија. За организирање на нивното доаѓање и обезбедување документи наплаќале до 30.000 евра по човек.

На пакистанските државјани што веќе живееле во Шпанија им нуделе фиктивни договори за работа за да го регулираат својот престој, за што барале до 8.000 евра.

Истрагата покажала дека криминалната мрежа од март 2022 до јули 2023 година поднела 224 барања за вработување странски државјани, од кои шпанските власти одобриле 108.

Само од одобрените барања организацијата остварила приходи поголеми од 3,2 милиони евра. Во оваа сума не се пресметани парите наплатени за одбиените барања, ниту за регулирање на престојот на мигрантите што веќе биле во Шпанија.

Според полицијата, мрежата дејствувала од 2019 година и имала стабилна хиерархија, со јасно поделени задачи меѓу членовите. Нејзините посредници ги поврзувале мигрантите со претприемачи што ги ставале своите компании на располагање како формални работодавачи.

Истражителите идентификувале вкупно 62 претприемачи поврзани со активностите на мрежата, од кои 43 биле уапсени. Нивните компании работеле во трговијата со храна, угостителството, градежништвото, занаетчиството и металопреработувачката индустрија.

Полицијата утврдила дека дел од мигрантите, откако ги добиле работните дозволи, биле ангажирани во тешки и експлоататорски услови.

Во други случаи, работните односи постоеле само на хартија или биле прекинувани набргу по издавањето на потребните документи.

Апсењата биле спроведени во две фази. Полицијата идентификувала 12 членови на криминалната организација, а за тројца од седумтемина уапсени членови судот веќе одредил притвор.

Поврзани содржини