ЗИДАН ГО ИЗНЕНАДИ ФРАНЦУСКИОТ ФУДБАЛ СО ДЕБИТАНТ Пажис е прв фудбалер на ФК Париз повикан во репрезентацијата по 53 години

Францускиот селектор бара рамнотежа меѓу искуството и младоста за последните два натпревари во Лигата на нациите. Најголемо внимание привлече 23-годишниот Пажис, кој сè уште нема настап за сениорската репрезентација.

268

Францускиот селектор Зинедин Зидан го објави списокот од 23 фудбалери за претстојните натпревари против Италија и Турција во Лигата на нациите, со четири нови имиња во составот и неколку значајни враќања.

Најголемото изненадување е повикот за 23-годишниот Пабло Пажис од ФК Париз, кој досега не настапил за сениорската репрезентација.






Последните фудбалери на Париз ФК што добиле повик во француската репрезентација биле Луј Флош и Жан-Пол Ростањи во мај 1973 година, по што клубот чекал 53 години за нов репрезентативец.

Во врска со новиот дебитант, Зидан објасни дека не сака да се потпира исклучиво на искусните репрезентативци, ниту пак да состави тим само од нови таленти.

– Идејата не е да повикам само искусни играчи, но исто така не планирам ниту да земам исклучиво нови играчи. Сакам да видам одредени фудбалери. На пример, имав можност да го изберам Пабло Пажис – ова е вистинската прилика, а колку време ќе помине на теренот, ќе видите кога ќе се одиграат натпреварите – изјави Зидан.

Во составот се враќаат Мало Густо од Челзи, Орелиен Чуамени од Реал Мадрид и Маркус Тирам од Интер. Повик доби и дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Лени Јоро.

Селекторот има проблеми и со повредени фудбалери. За претстојните натпревари нема да може да смета на седуммина играчи, меѓу кои се Вилијам Салиба, Жил Кунде, Ману Коне и Усман Дембеле.

Франција на 12 ноември ќе гостува во Милано против Италија, додека три дена подоцна ќе ја пречека Турција.

Французите се први во групата со 10 бодови, пред Италија со седум и Белгија со шест, додека Турција е без бодови. На избраниците на Зидан им е доволен и нерешен резултат на гостувањето во Милано за да обезбедат пласман во четвртфиналето на Лигата на нациите.

Поврзани содржини